Македонија
9. May 2019 - 16:32

Прилепчанец обвинува за нереални долгови, ЕВН тврди дека краделе струја

Семејството Станковски од Прилеп 7 години се во спор со ЕВН поради наводна кражба на струја. Никола Станковски вели дека уште во 1997-ма уредно си наместил броило за електрична енергија, за што има и документи од тогашното ЕСМ. Во 2012 година сам побарал да му стигнуваат сметки на адресата каде сега жиивее и тогаш започнува голготата. За период од 21 ден му стигнува фактура од околу 429.000 денари

„До тогаш не ми стигнуваа никакви сметки, им реков почнувам да живеам во објектов и сакам како и секој чесен, нормален граѓанин, да си почнам да си плаќам струја. Дојдоа тука и ми велат, а ова е кражба на струја. Абе каква кражба ги прашувам, имам за се документи. Ќе видиме рекоа. После тоа ми доаѓа сметка за 21 ден од 429.000 денари, значи ако било кое друго домаќинство, што не се занимава со тешка индустрија, за 21 ден плаќа толку струја и јас ќе платам“, вели Никола Станковски.

Тогаш започнувата судски спор со ЕВН и во 2014 година Основниот суд во Прилеп донесува пресуда дека Цане Станковски, татко на Никола, треба да плати оштетата за нелегално користење на струја од 16.437 денари, иако вели дека броилото му е легално наместено.

„Ми пратија вешто лице, кое требаше да извештачи колку можам јас да потрошам струја. Тој направи вештачење не за 21 ден, туку за 1 година и ме задолжи да платам 16.437 денари. Вие сте во право вели судијата, ЕВН нема изгубено спор во државава и вели мора да платиш. Татко ми наивен плати“, додава Станковски.

ЕВН се жали на оваа пресуда и во 2016 Основен и Апелација носат нови пресуди со кои Цане Становски сега треба да плати 259.000 денари, но за апсурдот да биде поголем Станковски кога се носат пресудите е веќе починат.

„Пресуда донесле на 10.05 2016 година, а татко ми почина на 08.03.2016“, истакна Станковски.

Од ЕВН пак остануваат на ставот дека Станковски краделе струја, за што велат дека има и пресуди од судот, а тие поседувале и други докази. Освен овој долг од пресудите Станковски имале и други неплатени побарувања кон ЕВН. Од ЕВН останувале отворени за решавање на случајот, но во рамките на прописите и законите кои важеле за сите граѓани.

Станковски, пак на кого му е исклучена струјата неколку дена вели дека ќе оди повторно на суд за да ја докажувал правдата.