Македонија
21. July 2016 - 18:50

Прилеп со новиот канализациски систем до целосен третман на отпадните води

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески денеска изврши увид во градежните активности на новиот канализациски систем во Прилеп, којшто се гради со средства од ИПА фондовите и 30-процентно учество на Владата на Република Македонија.

Според Ристески, Прилеп е еден од ретките градови во Македонија кој ќе има целосен третман на отпадните води со пречистителна станица со што комплетно ќе се исчисти Градската река која во моментов е загадена и нема жив свет.

Тој посочи дека првата фаза од изградбата на канализацискиот систем во Прилеп била во должина од 23 километри, а во втората фаза ќе се градат 47 километри. Со неа се опфатени повеќе населби во кои воопшто немало канализација или канализацијата била изградена пред 50 години и била со нестандардни димензии. Сега во градот канализацискиот систем се сепарира посебно да биде фекалната, а посебно атмосферската канализација.

- Првично беше предвидено инвестицијата за изградба на канализацискиот систем да чини 30 милиони евра, но со тендерите се намали на 26 милиони евра. Работите ги изведува компанијата Фајфер, а третата фаза ќе ја изведува бугарската фирма Комстрој, рече Ристески.

Груевски и Ристески го посетија и прилепското село Големо Коњари каде се градат улици и плоштад со средства обезбедени преку Агенцијата за поддршка на руралниот развој. Во моментов се направени улици со програмата на Агенцијата од 2013 година, а наскоро ќе почнат и со новата програма од 2015 година. За реконструкција на улиците во селото и за изградба на канализација, пречистителна станица и нов плоштад се вложени околу 30 милиони денари. Во Коњари се изградени 800 метри нови улици.

Градоначалникот Ристески најави дека за годинава е планирано да се изгради и детска градинка за што веќе се обезбедни средства, а претходно било реновирано и основното училиште.