Македонија
11. January 2019 - 15:06

Прилеп се справува со снегот и нема проблем со водата за пиење

Интензивно се чистат улиците во Прилеп, проодни се патиштата до речиси сите населени места и нема поголем проблем со водоснабдувањето, информираат денеска градските служби на Прилеп и јавните комунални претпријатија.

Според Благоја Богоески, задолжен за надзор при прилепската локална самоуправа, работите се интензивни, но проблем се непрописно паркираните возила на тротоарите и на коловозите.

-Моментално се работи на чистење на сите улици во градот. Денеска многу улици во градот ќе бидат исчистени. Исчистени се 90 отсто од пристапните патишта до населените места. Остануваат две села каде треба да се пуштат машините. На улиците проблем претставуваат паркираните возила на коловозот кои попречуваат да се пробиваат камионите за посипување на коловозот со песок. Проблем е и паркирањето на возилата на тротоарите. Поради ова, тротоарите може да останат неисчистени. Инаку, се чисти и патот за Мариово што е во надлежност на „Македонија пат“, а ние стоиме на располагање со механизацијата да помогнеме сите села да бидат пристапни, вели Богоески.

За одржување на прилепските улици се потрошени 100 тони мешавина од ризла и сол. Моментално механизацијата дочистува на потесните градски улици во населбите „Варош“, се до манастирот „Архангел Михаил“.

Вршителот на должност директор на прилепски „Комуналец“ Ирена Станковска, нагласува дека службите ќе бидат дежурни и за викендот.

-Сите екипи на прилепски „Комуналец“ се на теренот. Вчера ги исчистивме притапните приоди до институциите, денеска се чисти плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, пешачките патеки, и тротоарите каде имаме проблем поради непрописно паркираните возила. Дежурните екипи ќе бидат на теренот и утре каде што има потреба за чистење снег. Исчистени се и градските мостови и се посипани со сол и соодветен камен. Чистењето утре ќе продолжи на градските тротоари, објаснува Станковска.

Од прилепски „Водовод и канализација“ уверуват дека нема проблем во водоснабдувањето, иако дарежливоста на изворот Студенчица опаѓа. Вклучени се бунарите и во Прилеп во моментов се троши над 370 литри вода во секунда, повеќе и од летниот период.

-Нема никаков проблем со водоснабдувањето на градот. Отстранети се сите дефекти во мрежата од изминатите денови. Проблем прави тоа што е намалена дарежливоста на „Студенчица“ која вкупно во моментов е 600 литри вода во секунда, а се очекува и дополнителен пад. За Прилеп доаѓаат од 160 до 180 литри вода во секунда. Во моментов во Прилеп се троши повеќе од 370 литри вода во секунда, повеќе и од летниот период. Потрошувачката е зголемена, главно, поради тоа што се пуштаат да течат чешмите поради стравот од измрзнување на инсталацијата. Затоа се вклучени сите бунари за да нема проблеми со водоснабдувањето. Единствено може да се појави намален доток на вода, изјави Јанески.