Македонија
17. December 2018 - 17:17

Прилеп се подготвува за свети Никола - се спремаат 65.000 посни сармички

Прилеп наголемо се подготвува за патрониот празник Свети Никола кој што е прогласен за заштитник на Прилеп во 2006 година. Вредните прилепски домаќинки денеска и утре за градската слава ќе подготват околу 65.000 мали посни сарми кои ќе бидат послужени на трпезата што во среда ќе се постави во центарот на градот. Токму со овие мали посни сарми Прилеп во 2008 година влезе и во Гинисовата книга на рекорди.

„Тајната на прилепската сарма се состои од ориз, зелка, црн пипер и се виткаат многу мали како зрно од грав“, вели Менче Пеоска, здружение, „Преродба“.

„Посната сарма како што е малечка виткана може да се употребува и цела недела, ако стои нема проблем“, рече Марија Михајлоска, здружение „Преродба“.

„Ами една жена ако денеска не завитка околу 1.000 сарми таа не е прилепчанка“, кажа Љубица Петреска, здружение „Мајка традиција“.

Годинава домаќини се семејството Јованоски на градоначланикот на Прилеп. За славата биле подготвени 1.200 кг. зелка, 100 кг. ориз, 200 кг. грав, 350 кг. риба,  и 2.000 литри пијалоци.

„Оваа година за прв пат ќе ја примениме еднаквоста за сите граѓани. Во центарот на градот каде што ќе се служи посната трпеза каде што ќе бидат сите граѓани добредојдени, втор дел во ресторан друг нема да има. Сите ќе бидеме на исто место“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

„Оваа слава е и наша домашна слава која што ја славиме согласно семејната традиција која се пренесува од колено на колено“, истакна Виолета Јованоска, сопруга на градоначалникот.

По повод празникот се организираше и хуманитарна акција во Прилеп, а собраните производи во храна ќе бидат поделени на социјално загрозени семејства.