Македонија
23. April 2018 - 17:27

Прилеп се „дави“ во десетина диви депонии формирани од несовесни прилепчани

Прилеп се гуши во сметот и непријатната миризна од над 10 диви депонии лоцирани на фреквентни локации во градот. Несовесните граѓани, како и градежните компании секојдневно расфрлаат илјадници метри кубни ѓубре колку сакаат и каде сакаат, без да бидат санкционирани од надлежните органи. Вакви купишта ѓубре може да се видат во скоро секоја населба.

– Оваа катастрофална слика ќе ве пречека на влезот од Прилеп кога доаѓате од страната на Битола. Ова тука е една од многуте диви депонии во Прилеп. Иако депонијата се наоѓа на доста фреквентна локација, каде секој ден поминуваат многу луѓе, несовесните граѓани без страв од никого тука секој ден истураат стотици кубни метри отпад.

Екипите на ЈКП „Комуналец“ денеска повторно ја расчистуваа депонијата. Велат дека тие не се виновни за ваквата моментална состојаб во Прилеп. Прстот го вперуваат во инспекциите кои досега, според ниви немале напишано ниту една казна.

„Не е во наша надлежност ние да ги утврдуваме казните, казни има утврдено но како што досега сме запознати не веруваме дека е казнета некоја фирма. Ако имало казни досега изречено, а казните се високи, тогаш ќе се запреше со оваа појава. Затоа како што реков апелирам до инспекциските служби и органи да си ја земат работата во свои раце и да започнат да ги санкционираат и да ги дисциплинираат несовесните граѓани“, изјави Ѕвонко Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец“.

Расчистувањето на овие диви депонии го чинело прилепски „Комуналец“ големи финансиски средства.

„Вратите на депонијата во Алинци се ширум отворени за секој оној кој има градежен шут или отпад бесплатно може да го носи и депонира таму“, додаде Јованоски.

Доколку уште утре не се започне со казнување на несовесните граѓани и фирми полека во секој дел на Прилеп ќе никне по една ваква дива депонија.