Македонија
15. March 2019 - 13:28

Прилеп: Работилница на ЗМН за користење на личните податоци во новинарството

Нема опасност за новинарската професија додека се почитуваат професионалните стандарди и Етичкиот кодекс кога е во прашање регулативата за заштита на личните податоци. Пресуден е јавниот интерес,  беше речено на работилницата што се одржува во Прилеп во организација на Здружението на новинарите на Македонија и на фондацијата „Конрад Аденауер“  на тема „Заштита на личните податоци и медиумите – споделување на добри практики за безбедно новинарство“.

Главна тема на работилницата се стандардите за заштита на податоците воведени со новата Општа регулатива за заштита на личните податоци, со посебен акцент на заштита на новинарите од одговорност при објавување информации. На работилницата која почна синоќа и ќе трае до утре, учествуваат новинари од Македонија и адвокати.

Според Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија оваа тема е битна, пред се, за новинарското работење, тренд е во ЕУ, а во Македонија се говори за измени во регулативите.

– Во Македонија се говори за измена на регулативата и сакаме да сме во тек бидејќи се важни за новинарската професија. Новинарите во Законот за заштита на личните податоци имаат можност да бидат исклучени од одговорност, што значи привилегирани при својата работа кога известуваат на теми каде има елементи на заштита на лични податоци. Тие се безбедни се додека ги почитуваат професионалните стандарди или го почитувата етичкиот кодекс за професионално известување во новинарската професија. Секако треба да ги земат предвид нормативните ограничувања, како и самиот закон, но во моменти кога преовладува јавниот интерес, тие секогаш треба да го следат како нивна водилка и да известуваат на теми и на прашања кои се од јавен интерес, при тоа земјаќи ги предвид членовите од Етичкиот кодекс на новинарите, рече Секуловвски.

За ЗНМ е битно нашите судови кои немаат голема практика во оваа сфера, да се угледаат на практиките на  Европскиот суд за човекови права, за да нема различни толкувања и ограничувања на новинарската професија.

-Секогаш постојат закони кои може да бидат толкувани на погрешен начин од нашите судови. Кога станува збор за тоа, судовите во нашата земја треба да ја земаат практиката на Европскиот суд за човекови права. Ова е нова материја во нашата земја, судовите немаат многу искуство, но затоа, пак, новинарите треба да внимаваат на тој начин што ќе бидат професионални. Се додека новинарите го почитуваат етичкиот кодекс се безбедни и на тој начин не се ставаат во ризик пред судовите, објаснува Секуловски.

Давор Пашовски од Фондација Конрад Аденауер оваа тема е детектирана за анализа зашто е една од битните, а новинарите треба да се во тек со регулативите и можностите.

-Целта е да продискуитираме околу законските измени кои ќе следат во оваа област за да ги запознаеме новинарите и медиумските работници со нормативите кои се сега предвидени и кои се предвидуваат во иднина, вели Пашовски

За новинарот Зоран Маџоски е битно новинарот да знае што смее да објавува како личен податок и затоа е потребна обуката, а најбитна се професионалноста и запазувањето на јавниот интерес за да се избегнат злоупотреби.

-Новинарското искуство на оваа тема е зачудувачко. Знам колеги кои не поминале добро, зашто им е најдено дека ги повредиле овие права на личните податоци. Она што ме интересира да го знам е: што ние, всушност можеме да објавуваме и на кој начин тоа да го направиме. Важно е колегите да бидат дополнително обучени за тоа до каде може да одат со одредени стории, особено за истражувачкиот дел. Со оглед на тоа што треба да се донесе законска регулатива, и онаа што е донесена, по малку е збунувачки и мислам дека ќе не ограничи во работата. Навлегувањето во нечија приватност тоа дополнително ќе не оптовари, но ако тоа е закон, треба да се почитува и ние тогаш треба да направиме за граѓаните да бидат заштитени. Во секој случај, најбитен е јавниот интерес да се запази и тогаш правниците така тоа треба да го толкуваат. Тоа треба да биде светлата точка за да се избегнат моменти на рекетирање, одмаздољубивост, злоупотреба на новинарското работење, рече Маџоски.

Адвокатите се согласувата дека ова е нова и комплицирана тема, но мора новинарите секогаш да прават баланс на јавниот интерес кога во статии и прилози објавуваат лични податоци на одредена личност, било јавна или не. Годинава треба да се донесат измените на Законот за заштита на личните податоци и да се имплементира регулативата на Европскиот парламент.