Бизнис
27. February 2019 - 13:29

Прилеп: Нов протест на технолошкиот вишок од „Еурокомпозит“

Работниците од „Еурокомпозит“, прогласени технолошки вишок, и денеска протестираа во центарот на Прилеп барајќи да им се исплатат отпремнините и заостанатите плати и придонеси.

Според Пецо Велјаноски од иницијативниот одбор на прогласените за технолошки вишок, работниците се разочарани и револтирани, зашто никој не им се обратил, а изминаа сите рокови што ги најавуваа раководството и Владата.

– Ние протестираме, а нема никакво решение. Ниту некој не побарал, ниту ни се обратил. Работниците се револтирани, разочарани зашто никој не ги смета како граѓани, ниту од втор или трет ред. Еве изминуваат сите рокови. До 28 февруари требаше да ни се исплатат отпремнините. Од друга страна премиерот најави дека ако не се јават заинтересираните, а имало две компании, до крајот на месецов, а тоа е утре, Владата ќе интервенирала со средства. Но од тоа нема ништо. Само исплатата на заостанатите плати и придонеси на работниците е решение за „Еурокомпозит“ да  опстане. Не сакам да помислам на стечај, вели Велјаноски.

Според Жарко Талески од иницијативниот одбор, се чувствуваат измамени.

– Од раковдството не сакаат да слушнат за нас. Имаме за земање, кој по 60.000 денари, кој по 90.000 денари отпремнини. Но само сме излажани, вели Талески.

Работниците протестираа на булеварот во центарот на Прилеп и велат не се откажуваат од протестите.