Македонија
23. May 2018 - 16:44

Прилеп ќе му подигне спомен-плоча на Ненад Серафимоски кој загина во Диво насеље

- Прилеп ќе му подигне спомен плоча на Ненад Серафимоски, припадник на полициските сили кој го загуби животот во настаните поврзани со Диво Насеље. Спомен-плочата ќе биде во паркот кај Основниот суд, одлучија советниците на денешната 14. седница на Општинскиот совет.
 
- Иницијативата што ја прифатија прилепските советници е на барање на семејството на загинатиот припадник на полициските сили Ненад Сераимоски, кој извршувајќи ја сојата должност загина во настаните поврзани со Диво насеље, рече претседателот на Советот Миле Талески.
 
Прилепскиот совет ја донесе Програмата за енергетска ефикасност на објектите во општината за периодот од 2018 до 2020 година. Ќе се изготви акциски план со конкретни објекти кои ќе бидат вклучени во програмата. Првично ќе бидат опфатени сите објекти кои се во надлежност на локалната самоуправа и ова е прв од ваков вид проект на администрацијата.
 
- Ова е прв ваков проект што го изработи општинската администрација и е многу битен за заштита на животната средина и да се намалат средствата кои се трошат за електрична енергија, изјави Талески.
 
 
Со одлука на Советот е утврдена територијата, која ќе ја опфаќа една од најпознатите приелепски манифестации „Пивофест“ што ќе се организира како и досега, во центарот на градот. Подготовките за „Пивофест“ веќе почнаа.
 
Советот на Прилеп ги усвои и тримесечните извештаи на јавните претпријатија: „Водовод и канализација“, „Јавното претпријатие за урбанистичко планирање“ и ЈКП „Комуналец“. Според претседателот на Советот Талески, претпријатијата покажаа позитива во работењето во тримесечениот период од почетокот на годинава до 31 март, што не беше случај лани за истиот тој период во нивото функционирање.
 
Повеќето точки на дневниот ред пред прилепските советници беа индивидуални барања на граѓаните за легализацијата на бесправно изградените објекти, а општината им излегува на сите во пресрет со цел побрзо да се реши овој голем проблем.
 
Прилепските советници ја прифатија донацијата од приватно лице на едно возило за потребите на локалната самоуправа.