Македонија
11. October 2018 - 12:35

Прилеп ја одбележува 77 годишнината од почетокот на Народноослободителната борба

Со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Алејата на Великаните и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп продолжи одбележувањето на 77 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистите на 11 октомври 1941 година.

Од организацијата на борци на Прилеп порачаа секогаш да се достојна почит да се сеќаваме на ликот и делото на паднатите борци во НОБ.

„Младите генерации секогаш треба да имаат инспирација за патриотизам, за своите активности да ги насочуваат кон добро за нашата држава, да секогаш имаме почит кон овие храбри борци кои нежалејќи ја својата младост ги дадоа своите животи за слобода и за независна држава Македонија“, Круме Соколоски, претседател на организација на борци Прилеп.

Инаку над 8.000 прилепчани учествувале во НОБ, 2.700 од нив директно со оружје во рака, а 650 загинале. Од 66 народни херои кои ги има Македонија, 15 се од Прилеп.

„Прилеп е град на непокорот, Прилеп е град на пркосот и понатаму тоа се одвива и во натамошниот период. Сега имаме достоинствени прилепчани, достоинствени граѓани на Прилеп и секогаш во иднина тоа ќе го почитуваат, ќе ја почитуваме НОБ и се она што се придоби од истата“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека 11 Октомври е еден од најсветлите датуми во македонската историја, симбол на вековната борба на Македонциите за своја сопствена држава.

„Денеска имаме нови предизвици како македонска држава, предизвиците се да се биде член на НАТО и ЕУ, каде што се нуди стабилност и безбедност за нашиот народ. Македонскиот народ секогаш бил на правата страна на историјата. Се надевам дека и во овие судбоносни моменти на Република Македонија ќе го направиме истото“, истакна Кочо Анѓушев, вицепремиер.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак ја обвинија власта дека денешното одбележување на празникот во Прилеп е врв на нивното лицемерие. Порачаа дека Македониија ќе била членка на ЕУ и НАТО, но не понижена и обезимена.

„Се поклонуваат, а на дело работат се спротивно од она за што загинале овие пред кои се поклонуваат. Склучуваат капитулантски договори за продажба на уставното име, го распродаваат македонскиот идентитет, историја и култура“, рече Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Инаку годинава за прв пат во историјата, градовите Прилеп и Куманово, каде пукнала првата пушка, заедно го прославуваат 11 Октомври.