Македонија
26. November 2020 - 19:51

Прилеп бара дополнителни рестриктивни мерки

Во општина Прилеп ситуацијата со Ковид 19 крајно загрижувачка и има застрашувачка тенденција на ширење на заразата. Од почетокот на пандемијата, заклучно со вчерашниот ден вкупниот број на заболени изнесува 2.766 лица, а бројот на активни случаи е 1.021. 856 пациенти се лекуваат во домашни услови, 117 во болнички, а 48 примаат терапија во дневната болница. За жал, досега 125 наши сограѓани ја изгубија битката со вирусот. Она што особено загрижува е дека бројките алармантно растат во последните 20-тина дена. Токму поради тоа, и за да не дојде до комплетен крах на здравствениот систем Општина Прилеп побарал од главниот кризен штаб на државата воведување на построги мерки за Прилеп. Градоначалникот не сакаше отворено да каже дали тоа ќе значи карантин. Одлуката ќе се знае утре доцна попладне или во сабота претпладне.

„Ние не можеме да даваме предлози, ние даваме само насоки што треба да се направи во нашиот град. Сите овие случувања во последниве 20-тина дена кога имаме голем број на новозаболени граѓани, за жал и починати пациенти, ние бараме помош од главниот Кризен штаб кој заедно со Комисијата за заразни болести е тој кој одлучува и кој ќе процени кои мерки ќе ги превземи“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Додека се чека таа одлука општинскиот кризен штаб поради потребата од зголемен медицински персонал во инфективното одделение донесе одлука таму да волонтираат и матичните лекари.

„Општинскиот кризен штаб го задолжува претседателот на Здружението на матични лекари од нашиот град, почнувајќи од утре па во наредниот период, да обезбеди по два тима, составени од доктор и медицинска сестра, кои ќе волонтираат по систем на ротација во втора и трета смена во Инфективното одделение. Ова е особено важно, затоа што постојниот медицински персонал во Инфективното одделение, е навистина исцрпен и со крајни сили и напори се бори со заразата и се грижи за секој пациент“, додаде Јованоски.

Членовите на Спасителната служба „Златоврв“ ќе бидат вклучени во обезбедување на редот и дистанцата пред здравствените институции, банките, поголемите маркети и Градскиот пазар. Волонтерите ќе бидат ангажирани и за набавка на лекови и намирници до домовите на сите изнемоштени граѓани. А ќе се продолжи со дезинфекција на јавнитe површини и улици.