Свет
8. January 2016 - 22:05

Пријави за сексуални напади за Нова година и во Австрија

Австриската полиција соопшти дека, по пријавите во Германија и Шведска, и во Австрија се примени поплаки за извршени напади и сексуални малтретирања врз жени во текот на Новогодишната ноќ.  

Како што јави ТАСС, полицијата во Виена добила пријави за напади врз три девојки, при што напаѓачите биле посочени како „имигранти“.  

Нападите биле извршени во текот на Новогодишната ноќ во виенскиот парк Пратер, кога неколку мажи, кои според тврдењето на жртвите биле имигранти, им се доближиле на девојките и почнале да ги допираат.

Покрај тоа, на две од нив им биле укредени и паричниците, а на третата и бил искината чантата.

Покрај во Виена, пријави за седум вакви напади примила и полицијата во градот Салцбург. 

Во врска со нападите се огласи шефот на виенската полиција Герхард Пирстел кој порача „жените навечер да се движат само со придружба, да избегнуваат опасни места и во баровите да одбиваат честење од непознати“. - Тоа важеше во минатото, а важи и сега, порача Пирстел.

Ваквите изјави предизвикаа жестоки реакции во кои е оценето дека Пирстел со ова сака вината за нападите да им ја припише на жртвите.