Македонија
24. April 2018 - 8:47

„Пријателство“ конечно комплетен автопат од Табановце до Богородица

Наместо за 40 минути од Демир Капија до Смоквица ќе се патува за 15 минути. По новите 28 километри автопатска мрежа ќе се вози од денеска, откако вчера на свеченост беа ставени во употреба по шест години изградба. Со тоа автопатот „Пријателство“ се комплетираше целосно на потегот од Табановце до Богородица.

Истовремено со пуштањето на автопатот стартуваше кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ посветена на инвестиции во  транспортната инфраструктура.

- Овој автопат поврзува и води кон ЕУ. Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено искрената приказна за поддршка и соработка, порача премиерот Зоран Заев.

Според генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон, транспортното поврзување на регионот останува приоритет за ЕУ.

- Транспортот ќе биде главната тема и на следниот Самит во Софија и ќе докажеме дека само преку подобро поврзување и подобри транспортни услови ќе успееме да ги поврземе луѓето и државите, истакна Даниелсон.

Македонија, како што оцени министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, доби нова модерна и безбедна автопатска делница, проектирана и изградена согласно европските норми и стандарди за заштита на животната средина со сите потребни карактеристики за безбедност.

Автопатската делница ја почна претходната власт во 2012 година, а ја става во функциона сегашната. Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете гарнитури.

Од СДСМ како поранешна опозиција упатуваа прашања околу изборот на фирмата изведувач на градежните работи - грчки „Актор“ и износот на инвестицијата, додека пак, од поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ по заминување од власт минатата година ја обвинија новата Влада дека е неспособна да пушти готов проект. 

Во октомври лани Владата со анекс на договорот за изградба го продолжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава за да се завршат градежните зафати за изградба на Контролниот центар кај Неготино и за дислоцирање на далноводот на МЕПСО. Специјалното јавно обвинителство минатиот месец објави дека отвора истрага по име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица во однос, како што тврдат, на фаворизирање на „Актор“ на тендерот, а во случајот има сомнение и за перење пари.

На автопатската траса во вредност од околу 230 милиони евра се изведени над осум милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, шест моста, два тунела  од по 1,2 километри, две сообраќајни клучки кај Миравци и кај Смоквица, сто канали...

Поставено е современо енергетско и ефикасно осветлување во тунелите, како и системи за вентилација и детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.

На автопатот треба да има две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија. Безбедноста и управувањето на сообраќајот ќе се следи преку Контролниот центар кај Неготино.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција соопшти дека тие го почнале проектот и оти пуштањето на автопатот Демир Капија - Смоквица доцни осум месеци.