Македонија
4. March 2020 - 16:43

Пријателите на проширувањето: За датум е потребен консензус

Ништо не е готово додека не е готово. Ќе се одлучува според правилата на Европската Унија, а таму, мора да има консензус по сите прашања.

Пораката доаѓа од четворица европски министри, чиј домаќин денеска беше македонското МНР.

Шефовите на дипломатиите на Полска, Литванија, Латвија, како и заменикот министер на Естонија споделија внимателен оптимизам за определување на датум за преговори во март.

“Она што го направите до сега е навистина совршено и само продолжете, задржете го темпото, тоа е единствениот одговор на за сите скептици и оние кои се двоумат. Но реков, вие може да сметате на нас и ќе бидеме со вас без оглед што ќе се случи”

Во својство на групата “Пријатели на проширувањето”, министрите со став дека не може да се негира реформскот напредок на Македонија и токму затоа, ЕУ мора да го исполни својот долг.     

“Тоа е долг кон општеството, кон граѓаните. Но тука е и безбедносната димензија, има тука и други актери кои се активни во регионот, па таквата одлука ќе го спречи негативното влијание”

Главен аргумент за позитивна одлука во март се исполнетите домашни задачи, но и донесената нова методологија за пристап во ЕУ, подвлече шефот на македонската дипломатија.

“Мислам дека овие два столба се одлична основа конечно да има испорака и од страна на ЕУ, една јасна, недвосмислена, опиплива, одржлива одлука за пристапни преговори”

За време на дводневната посета министрите беа примени и од претседателот Стево Пендаровски, како и од техничкиот премиер Оливер Спасовски. На средбите е потенцирано дека се создадени сите услови, Македонија да обезбеди европска иднина со конечно почнување на преговорите со Унијата.