Македонија
16. April 2018 - 14:56

Прифатени седум амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за судови и осум за Законот за Судски совет

Министерството за правда и работната група на СДСМ прифатиле дел од предлозите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска дисциплинската одговорност за судиите  и гласањето во Судскиот совет. Врз основа на овој договор денеска во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу  заедниците беа прифатени седум амандмани од 14 предложени за измени и дополнувања на Законот за судовите и осум за Законот за Судски совет. Овие закони Собранието ќе ги гласа следната недела. 
 
Заменик министерот за правда Оливер Ристовски кажа дека се прифатени четири-пет ставки од целиот сет што го предложила ВМРО-ДПМНЕ во врска со дисциплинската одговорност на судиите, што ќе се вметне во Законот за судовите. Овој закон, според Ристовски, ќе биде испратен до Венецијанската комисија, а е дел од 3-6-9+ реформскиот закон, а дел произлегува и од Извештајот на Прибе. 
 
- Главно кај Законот за судови беше околу дисциплинската одговорност на судиите. Измените се во три дела што се усогласени со опозицијата. Во Законот за Судски совет го вративме правото на глас на претседателот на Врховниот суд, со тоа што во големиот пакет за Судски совет што ќе се носи во јуни - јули, кога ќе се утврдува мандатот на членовите и тоа дали ќе бидат професионални, полупрофесионални или непрофесионални, повторно ќе се размислува околу правото на глас за претседателот на Врховниот суд, појасни заменик министерот за правда. 
 
Ристовски предупреди дека рефомите во судството ќе траат.
 
- Законите не беа лоши и претходно, ова е само доусовршување на законите. Тие сами можеби не можат да ги сменат судиите ама се надеваме дека судиите сами ќе сфатат дека треба да се сменат и да судат во интерес на граѓаните. Се надевам дека ќе придонесат за поголема верба во судството, вели Ристовски. 
 
Аманданите на седницата на Комисијата за политички систем се носеа без дикусија, освен клучните два амандмани, што беа образложени од Панчо Минов. Се зголемуваат основите за разрешување на судиите. Меѓудругото се прецизира  дека тие мора да ги применуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и доколку открива доверливи информации за случаите што ги водат. 
 
Минов, исто така, посочи дека за граѓаните е особено важно да знаат дека еден од амандманите предвидува изрекување на дисциплински мерки за судиите.
 
Опозицијата предложила уште еден основ за изрекување дисциплинска мерка и тоа од аспект на заштита на правата на граѓаните и правните лица во судските постапки, а тоа е тоа кога судијата без оправдани причини не закажува навремено рочиште, односно врши одлоговлекување на процедурата на судската постапка. 
 
Измените на законите за јавно обвинителство и за кривична постапка, како и еден член од законот за судовите се дел од пакетот за надворешен механизам за тортура на полициските и затворските службеници и тие не се предмет на усогласување со опозицијата, туку со МВР. Законот за јавно обвинителство и кривична постапка, исто така, не беа гласани минатата недела, кога беше одложено и изјаснувањето за законите за судовите и за судскиот совет. 
 
-Измените се многу мали во овој дел, тврди заменик министерот за правда Ристовски,  изразувајќи надеж дека тие ќе бидат поддржани од опозицијата.
 
Работни групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ деновиве ги усогласуваат и ставовите во врска со Законот за аудио  и аудио визуелни медиумски услуги. Опозицијата имала над 50 забелешки, а главните се однесуваат на критериумите за избор на членови во АВМУ и во Советот на МРТВ.