Македонија
23. јуни 2022 - 16:38

Прифаќањето на францускиот предлог ќе ја растуреше владата - малите партии едногласни против

Помалите коалициски партии со јасна порака – прифаќање на францускиот предлог во ваква форма ќе значи крај на Владата. По ЛДП и ДОМ, денеска и Демократски сојуз најавува напуштање на мнозинството ако овој документ добие поддршка од Македонија.

Трајанов бара оставки од Османи и Маричиќ како директно вклучени во преговорите со Софија од кои произлегоа како што вели понижувачки позиции кои го негираат македонскиот идентитет. Очекува Европската унија да ги зачува своите принципи и да не прифати ваква преговарачка рамка за земјава, а граѓаните ги повика на мирни протести со кои ќе се испрати порака до европските лидери.

Ваква одлука веќе донесоа и ЛДП и ДОМ. Ако овие три партии ги остварат најавите, мнозинството останува со 4 пратеници помалку што неминовно води кон нова политичка криза и можност за предвремени избори.

Токму избори според ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат и еден вид на рефендум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали прифаќаат преговарачка рамка со вметнати бугарски барања.

- Доколку Ковачевски е толку сигурен во предлогот што го преговарал и договорил, тогаш единствено исправно е тој да распише избори. На тие избори тој и СДСМ ќе го бранат предлогот за бугаризација и ќе сакаат негова имплементација, а ние ќе бидеме против. Па народот нека одлучи. Изборите кои вака би биле распишани би биле референдумски избори, на кои граѓаните ќе имаат јасен избор, или се за предлогот за бугаризација на државата или против. Или со СДСМ државата ќе тоне, или со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја застанеме државата на нозе, вели Драган Ковачки од ВМРИ-ДПМНЕ.

И додека помалите коалициски партии од македонскиот политички блок се обединуваат, став нема од албанскиот партнер Алтернатива. Од партијата на Гаши денеска се без одговор на прашњето дали за нив е прифатливо старт на преговори со Унијата со преговарачка рамка која ќе ги содржи бугарските барања.

Лидерот на Алијанса пак вели дека го поддржуваат внесувањето на Бугарите во Уставот, а став за францускиот предлог ќе имаат откако ќе го видат официјалниот документ.