Македонија
13. October 2015 - 16:39

Причините за смртта на 12 годишната Ана-Марија на Клиниката за инфективна повторно ја разбрануваа јавноста

Писмото на таткото на 12 годишнaта Анамарија  која почина на Инфективна само неколку часа по приемот, повторно ја разбранува јавноста. По десет месеци од настанот, во стотина редови тој ги опишува последните часови од животот на неговата ќерка. Вели дека ја однеле со вироза за по неколку часови да им соопштат дека починала од шокова состојба.  Родителот тврди дека во амбулантата на Инфективна девојчето влегло на нозе и оттаму почнува нивната драма. Било подлежно на инфузии, катетар, покрај нив поминувале лекари и сестри со резултати и со сопругата добивале одговор дека детето им е добро само му недостасувале протеини. По неколку часови влегле во собата каде лежела веќе мртвата ќерка.  Таткото не се помирил со тоа и со анализите кои ги добил неколку месеци по смртта побарал мислење од  повеќе доктори.

-Подоцна во консултација со други доктори ни беше кажано дека албумините се спeцифична имунолошка терапија која се дава само во присуство на анестезиолог, кој во случај на реакција треба да даде антишок терапија. Некои велат дека оваа терапија не се дава на деца на таа возраст, особено не без претходна согласност на родител… … нас воопшто не не прашаа за согласност , ниту не информираа за можните последици, стои во писмото на таткото.

Експертите кои ги консултирал таткото му укажале на зголемениот шеќер во крвта а лекарите од Инфективна не побарале помош од ендокринолог.

Родителите не се согласиле на обдукција, која, пак е неопходна кога пациент ќе почине само неколку часа поминати во болница. Веднаш по смртта здравствените власти формираа комисии за испитување на случајот. Денеска, по писмото на родителот добивме писмен одговор од МЗ.

- Министерството за здравство веднаш по настанатиот случај формираше две независни стручни комисии, кои целосно го испитаа процесот на лекување на пациентката, почнувајќи од матичен лекар, педијатриски пункт во поликлиниката Јане Сандански и Клиниката за инфективни болести. 
Врз основа на извршениот надзор, двете комисии се изјаснија дека не се констатирани недостатоци при пружање соодветна здравствена заштита на сите нивоа.

Од Обвинителството за Сител изјавија дека предмет за случајот е отворен,извештаите ги добиле. Веќе биле сослушани родителите а надлежниот обвинител ја обезбедил медицинската документација од Инфективна.