Балкан
2. July 2016 - 14:26

Приближно половина милион Грција ја напуштиле земјата од 2008 година

Од 2008 година до сега приближно половина милион Грци ја напуштиле земјата во потрага по подобри можности во странство, пред се, заради финансиската криза, а мнозинството од нив се со образование и професионална квалификација, покажуваат најновите податоци на Централната банка, цитирани од весникот „Катимерини“.

Податоците покажуваат дека над 427. 000 Грци ја напуштиле земјата од 2008 година до сега, а масовното заминување во странство почнало со побавно темпо во 2008 година, една година пред избувнувањето на должничката криза во Грција. Овој тренд во 2013 година веќе достигнал над 100. 000 лица, додека во 2014 и 2015 година бројот на Грците кои емигрираат продолжил да расте.

Според податоците на централната банка, мнозинството од лицата кои ја напуштиле земјата се млади со професија, кои бараат подобри можности за реализација во Германија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и други земји.

Грците се на четврто место меѓу 28-те земји членки на Европската Унија во однос на масовната емиграција како дел од работната сила, по Кипар, Ирска и Литванија.

Грција е на трето место, по Кипар и Шпанија, во однос на дела на младите луѓе кои ја напуштаат земјата.