Македонија
27. јуни 2017 - 15:04

Прибе: Подготвени сме со експертски тим да и помогнеме на Македонија

Експертот на Европската унија Рајнхард Прибе на денешниот работен појадок со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, ја реафирмирал подготвеноста експертскиот тим да и помогне на Македонија за надминување на посочените недостатоци во неколку важни области кои се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на регулаторните тела, соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

Прибе ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од Извештајот и Итните реформски приоритети. 

Министерот Димитров, како што се наведува во соопштението од неговиот Кабинет, изразил благодарност за ангажманот на експертскиот тим предводен од Прибе којшто со прецизното детектирање на недостатоците во неколку клучни области придонел кон процесите за надминување на политичката криза.

- Отсуството на независни институции имаше последици по демократските процеси во Република Македонија. Приоритет на новата реформска Влада ќе биде нивна професионализација со цел доследно спроведување на законите, рекол Димитров.

Вицепремиерот Османи посочил дека е потребна директна и отворена комуникација по однос на сите прашања кои треба да се решат, со цел меѓусебно разбирање, како основа за враќање на довербата на граѓаните во институциите.

- Свесни сме дека периодот на политичка криза, кој е веќе зад нас, влијаеше на темпото на реформите и спроведувањето на препораките од Извештајот на групата експерти од 2015 година. Во овој процес на исполнување на преземените обврски, од исклучителна важност за нас е вашето вклучување во овој процес, преку вашите совети, надзор и забелешки, имајќи предвид дека вашето име во моментов претставува и синоним за реформи во земјава. Јас, како и Секретаријатот за европски прашања стоиме на располагање за се што ви треба за објективна и точна проценка на состојбата. Клучно е да добиеме од вас јасни препораки за она што треба да биде преземено и што може да биде реализирано, на краток и среден рок, рекол Османи, стои во соопштението од МНР.

Димитров и Османи ја истакнале цврстата заложба на Владата на Република Македонија да ги адресира препораките од Извештајот на експертската група од 2015 година и да ги спроведе мерките предвидени со Акцискиот план за Итните реформски приоритети, со цел Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапни преговори.

Како што се наведува во соопштението, на средбата било изразено уверување дека натамошниот ангажман и идните насоки на експертската група ќе бидат од исклучителна помош за испорачување конкретни резултати во клучните области, со цел подобрување на животот на граѓаните и забрзување на европскиот интегративен процес на Македонија. Притоа, Димитров и Османи информирале за нашите активности во насока на подобрување на односите и соработката со соседите, како еден од клучните приоритети во надворешната политика на Република Македонија.