Ракомет
3. January 2018 - 20:28

Прибак со кусо мирување

Македонскиот репрезентативец Немања Прибак попладнево беше на лекарски прегледи откако на синоќешниот тренинг го повредил скочниот зглоб. Настапот на Европското првенство не е доведен во прашање, но Прибак ќе мора да мирува три дена по совет на лекарите. Тоа значи дека ќе ги пропушти контролните дуели со Саудиска Арабија и со Србија утре и задутре во Белград. Тој ќе патува со репрезентацијата, но нема да настапи на овие натпревари.
 
Нашата ракометна репрезентација од дуелот со Чешка во јуни нема одиграно натпревар, а во овој период и за време на неделата на ЕХФ во минатата година селекторот Раул Гонзалес повеќе сакаше екипата да тренира.
 
- Првиот дел од подготовките беше микс од физички и од тактички подготовки. На овие два контролни натпревара ќе видиме како функцинира сето тоа, па во деновите кои ќе останат до Европското првенство да видиме што треба да додадеме, изјави еден од голманите Никола Митревски.
 
На шампионатот во Хрватска прв ривал во групата ни е селекцијата на Словенија третопласирана од ланското Светско првенство во Франција.
 
- Почнавме да се подготвуваме конкретно за Словенија, тренерот почна да уфрла некои конкретни варијанти во одбрана. Знаеме дека тој натпревар е многу важен, затоа што е прв и затоа што ќе биде патоказ до каде сме и на што целиме и како ќе продолжиме понатаму, истакна Филип Лазаров.
 
Нашата репрезентација утре рано патува за Белград, каде попладне од 18 часот ќе игра против Саудиска Арабија, додека во петок во истиот термин е и дуелот со Србија.