Македонија
12. July 2017 - 15:26

Презентирани најновите археолошки откритија од Виничкото кале

Во Музејот „Теракота“ - Виница денеска беа презентирани најновите археолошки испитувања добиени од истражувањата на Виничкото кале од почетокот на годината, па досега.

На презентација присуствуваа голем број посетители меѓу кои и гости од збратимената општина Трајавна од Република Бугарија. 

- Последното откритие во цистерна на Виничкото кале - мермерна скулптура која според првичните проценки е божицата Афродита со Ерос во рацете, за нас археолозите е од особено значење. Овој интересен предмет кој го пронајдовме на подното ниво на цистерната е мермерна скулптура во седечка положба. Тоа е скулптура на божицата Афродита, која седи на карпа и со левата рака се потпира на карпата. Покрај тоа откривме и доста ќерамика која во следниот период ќе биде научно обработена и се разбира конзервирана и изложена во витрините на Музеј „Теракота“, истакна директорката на Музејот „Теракота“, Јулијана Иванова.

Иванова ги информираше присутните и за понатамошните активности кои ќе бидат спроведени за заштита на Виничкото кале.

- Една од главните цели на проектот поврзани со заштитата на цистерната оваа година е нејзино оградување со ограда од поцврст материјал. Конзервација и покривање на цистерната би биле последователни фази од проектот за кој треба да се изготви проект во соработка со Национален конзерваторски центар кој е надлежен за недвижното културно наследство на територијата на општината, посочи Иванова.

Истражувањето на Виничкото кале е финансирано од Министерството за култура на република Македонија како проект од национален интерес за 2017 година.