Македонија
2. March 2017 - 14:54

Презентирана училишна сообраќајна единица на СУГС „Боро Петрушевски“

Училишна сообраќајна единица во рамки на СУГС „Боро Петрушевски“ беше презентирана денеска во насока на зголемување на безбедноста во соообраќајот.

Станува збор за училишната сообраќајна единица која е формирана во рамки на проектот на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во град Скопје.

На презентација на училишната сообраќајна единица присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Стојче Стаменковски, директорот на СУГС „Боро Петрушевски“, Соња Ристовска и претставници на Министерството за внатрешни работи.

Трајановски изјави дека единицата е формирана по препорака на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во град Скопје и нивна цел е зголемување на безбедноста на сообраќајот во Скопје.

Во училишната сообраќајна единица, посочи, членуваат 20 ученици од втора, трета и од четврта година и ги исполнуваат условите предвидени со Правилникот за организација, обука и начин на работа на училишните сообраќајни единици.

Наглади дека тие во наредниот период ќе работат на терен заедно со претставниците од Министерството за внатрешни работи, каде што ќе работат на подигање на јавната свест и свеста за одговорноста на сите учесници во сообраќајот и ќе ги предупредуваат и едуцираат сите учесници во сообраќајот кои ги прекршуваат сообраќајните правила.

- Членовите на училишната сообраќајна единица во рамките на СУГС „Боро Петрушевски“ поминаа теоретска и практична обука, којашто е реализирана во 36 наставни часови, на која тие беа едуцирани за повеќе области од сферата на сообраќајот, како што се сообраќајните знаци и ознаки на коловозот, правилата на сообраќајот на патиштата, возачките исправи, регистрација на возилата, хуманите односи меѓу учесниците во сообраќајот и слично. По обуката сите членови на оваа единица добија соодветни сертификати, рече Трајановски.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Стојче Стаменковски, изјави дека формирањето на оваа единица значително ќе се придонесе за зголемување на свеста на граѓаните за опасностите кои може да настанат со несоодветно движење и непочитување на правилата, а со тоа и на општата безбедност во сообраќајот.

Истакна дека по примерот на голем број европски метрополи, а согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Градот Скопје во соработка со МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, ја промовира сообраќајната единица.

- За нас е значајно да ги потенцираме двата аспекти и продобивки што ќе се добијат од промовирањето на оваа единица. Првиот е сообраќајниот аспект, каде што влегува намалувањето на сообраќајниот метеж, зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, како и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Вториот е едукативниот аспект, каде што ќе ја едуцираме помладата популација за сообраќајните правила и култура, изјави Стаменковски.

Членовите на училишната сообраќајна единица ќе бидат препознатливо облечени во портокалови елеци на кои е напишано името „Училишна сообраќајна единица“ и безбол капчиња со кратенката „УСЕ“. Покрај облеката ќе бидат опремени и со сите потребни реквизити за регулирање на сообраќајот.

Проектот за формирање на првата училишната сообраќајна единица, покрај Град Скопје и Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во Град Скопје и автосообраќајниот училишен центар СУГС „Боро Петрушевски“, стручно и материјално го помогнаа МВР, СВР Скопје-Одделение за превенција, Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и ЈСП-Скопје.