Македонија
18. September 2020 - 13:31

Презентирана Националната платформа за онлајн учење

Учебната 2020-2021 година ќе се одвива преку Националната платформа за онлајн учење, која е инклузивна, едноставна за користење и нуди учење на пет јазици. Платформата е практична, лесна за користење и го доближува образованието и наставните содржини до учениците на каналите кои тие секако често ги користат.

Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницита и наставникот и ќе може да ги користи сите поставени аудио и видео материјали на платформата и да ги изработува домашните задачи, а наставата нема да биде здодевна и ќе има брзи квизови, тестови и други иновативни содржини.

Обуките за користење во прво ниво опафтиле 30 национални обучувачи, во второ ниво се опфатени 1 600 наставници номинирани за училишни обучувачи и тие понатаму ќе треба да ги обучат сите наставници на ниво на поедини училишта.

Премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција за промоцијата на платформиата, ги повика сите и наставниците и родителите да го поддржат процесот, а на децата им порача да ги зграпчат сите можности, зошто доброто образование гради слободни граѓани.

– Пандемијата ја наметна потребата да согледаме зошто ни е потребен образовен систем во добра кондиција и дека посветено треба да работиме на негова дигитализација, реформа и подобрување. За прв пат создадовме единствена национална платформа за оналјн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова не охрабрува и дава поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава, изјави Заев.

Посочи дека платформата е прилагодена освен на македонски, за држење настава на албански, турски, српски и бошњачки јазик.

– Подготвеноста на институциите и образовниот систем за промени е доказ за континуирана посветеноста кон долгорочните цели – квалитетно и иновативно образование по мерка на секого. Како Влада ја даваме безрезервната поддршка за имплементација на овој процес, истакна Заев.

Пандемијата, порача тој, недвосмиселно покажа дека како држава треба многу да научиме за планирање на инвестициите во образованието и колку е се тоа важно за сите нас.

Министерката за образование и наука Мила Царовска, рече дека подготовката на платформата е влог во иднината и модернизација на образованието.

– Платформата е првиот исчекор кон модернизација на образованието. Нова алатака, која сум убедена дека ќе биде значаен ресурс и по надминување на кризата со корона вирусот. Периодот што следи нема да биде лесен ниту за професиорите, ниту за родителите, ниту за учениците. Промените се секогаш тешки и прилагодувањето бара огромна жртва од сите нас, изјави Царовска.

Комбинираниот пристап што го избравме, Царовска изрази уверуавње, дека ќе обезбеди добар баланс меѓу обезбедување на добро образование и заштита на  јавното здравје.

– Учениците ќе може да предлагаат надоградување и менување на платформата и со тоа директно ќе се вклучуваат во изработка на решенија што тие ги сметаат за прилагодени на нив. Платформата ќе овозможи учениците и просветните работници заедно да го унапредуваат нашети образование не само за сега, туку и за иднина, порача Царовска.

Национланата платформа за учење од далечина е резултат на соработка на МОН, Факултетот за информатички науки и компкутерско инжинерство и МАСИТ.