Бизнис
10. February 2018 - 20:14

Презентиран новиот софтвер за јавни набавки

 Во Министерството за финансии денеска беше презентиран најновиот софтвер на Бирото за јавни набавки, со цел овозможување поголема транспарентност и отчетност во процесот на склучување договори за јавни набавки.

Новина во надградениот систем е објава на склучените договори, бесплатен преглед на тендерската документација, критериумите и условите и поради транспарентноста на самите договори, може да се прават натамошни анализи. 

Како што изјави портпаролот на Министерството, Јована Аврамовска, новиот систем овозможува персонализирани анализи, што, според неа, е во насока на отворање на транспарентноста, односно давање можност истражувачките новинари, граѓаните и секој кој што е заинтересиран за јавните набавки може сам да истражи и да направи анализа базирана на податоците со кои располага Бирото за јавни набавки.

- Она што се направи како прво е отварањето на договорите, и тоа се случи со одлука на владина седница, и уште од минатиот месец договорите веќе се објавуваат, рече Аврамовска и додаде дека ова е само почеток на отворање на транспарентноста и овој софтвер во иднина ќе се унапредува.

Посочи дека ваков вид комбинација на податоците со кои располага системот досега не бил достапен и оти над 1.700 договори досега се објавени од страна на договорни органи, а со цел да се има транспарентен пристап на сите до целосната документација за склучувањето на јавната набавка. 

Од оваа година сите јавни набавки ќе се извршуваат по електронски пат, што според претставници на Министерството за финансии, е во насока на зголемување на транспарентноста кон договорите што се склучени.

Во однос на јавните набавки преку преговарање без објавен оглас, самите страни се обврзани да ги внесат договорите на интернет страницата. Досега се склучени 484 вакви договори, посочија од Министерството. Сите овие договори можат да се видат на веб страницата www.e-nabavki.gov.mk.

Бирото за јавни набавки (БЈН), управува и оперира со Електронски систем за јавни набавки (ЕСНЈ), што претставува единствен компјутеризиран систем достапен на интернет адресата https://e-nabavki.gov.mk, преку кој се овозможува пополнување и објавување на огласите за доделување договори за јавни набавки, огласите за доделување договори за јавни набавки, за прибирање понуди, известувања за склучени договори, евиденции за барање за прибирање понуди, поништување на постапките, е-аукција и поднесување конечна цена...