Бизнис
6. February 2017 - 15:53

Преземени 21.500 тони тутун, просечната цена 196 денари

Претпријатијата кои откупуваат тутун почнаа со затворање на некои од пунктовите зашто го завршија преземањето на договорените количини.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), во вторникот, 31 јануари, речиси 1,5 месец пред истекувањето на законскиот рок за откуп, 15 март, беше затворен пунктот Калуѓерица на Сокотаб Битола, а во петокот, 3 февруари, затворени се и Јаргулица во Радовиш, како и Иванковци во Велес на Алијанс 1.

- Тутунот од реколта 2016 се откупуваше на 130 пунктови, а затворањето на некој откупен пункт значи дека во тоа место е преземен целиот тутун. Доколку некои тутунари дополнително пријават дека имаат уште количество, тогаш, според Законот, откупното претпријатие одредува ден кога ќе го отвори пунктот за да го преземе преостанатиот тутун, информира МЗШВ. 

До крајот на минатата недела деветте откупувачи преземаа вкупно 21.564 тони тутун или 1.500 тони повеќе од првичните проценки за реколтата 2016, според кои се очекуваше да бидат откупени околу 20.000 тони тутун.  Просечната откупна цена е 196,07 денари за килограм, а  исплатата е 89 реализирана. Префрлени се 3,744 милијарди денари.

- Субвенциите за тутунот изнесуваат 60 денари за килограм, што значи дека производителите просечно добиваат по 256 денари за килограм, наведува Министерството.