Македонија
25. February 2020 - 19:35

Превентивни мерки за заштита од коронавирус – негативен е наодот и на вториот сомнителен случај

Патникот од Дубаи кој утринава е хоспитализиран на Инфективна, нема корона вирус. Лабораториските анализи покажале дека е негативен на ковид 19. Тој беше вториот сомнителен случај кој за помалку од 24 часа заврши на клиника. Синоќа, и кај италијанскиот државјанин кој сам побарал лекарска помош е потврдено дека не е заразен со опасниот вирус. И двајцата пациенти според здравствените власти биле изолирани и третиран исогласно протоколите. Филипче побара од сите кои доаѓаат во земјата од критичните региони, доколку добијат некои симптоми да не одат по болниците туку да се јават на некој од телефоните што ги има на флаерите дистрибуирани на аеродромите и граничните премини.

- Здравствениот систем е подготвен и подготвени се сите капацитети на Клиниката за инфективни болести и на трите инфективни одделенија во Штип, Велес и Гостивар. Сите четири институции располагаат со околу 150 кревети, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Откако вчера здравствените власти го подигнаа степенот на готовност, Владата денеска ги задолжи сите основни и средни училишта како и универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија и да организираат едукативни часови за превенција од корона вирус.  Министерството за здравство доби насоки итно да набават дополнителна заштитна опрема како и средства за дезинфекција за училиштата и градинките.

Од денеска функционира и кризен штаб составен од епидемиолози и инфектолози кои постојано ќе ја следат состојбата на терен како и мерките кои се преземаат. На граничните премини нема термални камери а за првичниот надзор на патниците е задолжена граничната полиција.

-Тие преку информативен разговор со патниците ги прашуваат од каде доаѓаат и дали имаат некои симптоми. Ако има потреба ја повикуваат епидемилошката служба од најблискиот центар, вели Филипче.

Здравствените власти од вчера најавија засилени контроли со 24 часовно присуство на медицински тим на скопскиот аердором и надзор на сите патници.