Македонија
28. јуни 2017 - 16:18

Претстави од Романија и од САД вечерва на „Битола Шекспир фестивал“

Куклениот театар Цндарика од Романија со „Сонот на летната ноќ“ и гостите од САД Лит Мун  со експериметална поставка на „Ричард Трети“ ќе се претстават вечерва пред битолската публика во рамки на 5. Битола Шекспир фестивал.

Мируна Симиан од Цндарика театарот, кој е со долга традиција  на денешната прес-конференција во Битола истакна дека станува збор за претстава во режија на Кристиан Пепино. Наменета е за тинејџери и возрасни, а е работена во анимациски манир на светла и сенки. Премиерно е изведена во септември, минатата година, и досега има освоено повеќе награди, а ова им е прво гостување со неа надвор од Романија.

- Една од задачите што ја имаме како наша мисија е да ги разбиеме предрасудите дека нашиот театар е само за деца. Она што вечерва ќе го го видиме е куклена претстава со анимации наменета за тинејџери и возрасни. Шекспир е секогаш провокација да се работи, а кога се работи со кукли предизвикот е уште поголем, вели Симиан.

Американскиот режисер Џон Блондел, кој со својата компанија Лит Мун неколку години доаѓа на фестивалот во Битола, вели, го чувствуваат како свој летен дом, истакна дека претставата на гледачите ќе им понуди една експериметална поставка на Шекспировиот „Ричард Трети“. Седумдесетминутната изведба, најави, ќе понуди модерна интерпртетација на ова класично дело.

- Вечерашната претстава за Ричард Трети содржи неколку експериментални делови. Првиот експеримент е тоа што се обидовме да извлечеме делови од материјалот кои што градат еден колаж. Вториот експеримент е што целата претстава ја играат четири актерки и еден музичар, вели Блондел.

Тој  го оцени фестивалот во Битола како успешна приказна и многу значаен за регионот и посака и понатаму да продолжи да ја врши својата улога на поврзување на театрите и размена на искуства, идеи и можности за развој на уметничката форма, односно на креативниот процес.

Словачкиот актер Петер Чизмар утревечер ќе настапи на сцената на Народниот театар во Битола со монодрамата „Магбет“ инспирирана од истоимениот текст на Шекспир. Режијата, адаптацијата и дизајнот е на полската уметница Клаудина Розин, која живее и работи во Велика Британија. За Чизмар ова е прво гостување на Битола Шекспир Фестивал, а во својата кариера досега има играно и во други драми од Шекспир.

Уметничкиот директор на фестивалот Благоја Мицевски на прес-конференцијата истакна дека големо воодушевување кај публиката предизвика вчерашната претстава „Хамлет – стапица“ во изведба на Театарот од Караганда, Казахстан.

Дунај Еспаев кој е уметнички директор на театарот и ја толкува насловната улога, ги сподели своите импресии од вчерашниот настап.  – Кога излегуваш на нова сцена секогаш те следат нови чувства, нови предизвици, а наша задача е да се справиме со нив. Во таа смисла вашиот театар многу ми помогна На сцената вчера имаше многу импровизациски моменти. Се чинеше атмосферата како да е посебна од енергијата на актерите и сето тоа придонесе да играме многу лесно, вели Еспаев.

Мицевски истакна дека првпат оваа година имаат на програмата куклена претстава, а до крајот на ова фестивалско издание најави уште две драми од Шекспир во изведба на македонски театри. На 30 јуни Струмичкиот театар ќе ја одигра „Дванаесеттата ноќ“, во режија на Дејан Дамјановски, а фестивалот ќе го затвори Театарот Комедија од Скопје со претставата „Сон на летната ноќ“ чија режија е потпишана од Андреј Цветановски.

На ова петто издание на Фестивалот на сцената ќе бидат видени 100-тина актери. Во 12-те фестивалски вечери ќе гостуваат шест реномирани театри од Бугарија, Русија, Казахстан, Романија, Словачка и од САД, и пет театарски куќи од Македонија.

Битола Шекспир фестивал е дел од мрежата на европската асоцијација на Шекспир фестивали кои го негуваат сценското богатство на Шекспир.