Македонија
15. September 2017 - 14:08

Претстави од Иван Поповски и рускиот театар „Фоменко“ од утре до 23 септември во МНТ

Во Македонскиот народен театар од утре до 23 септември ќе гостува театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва со три претстави на македонскиот театарски режисер Иван Поповски кој работи во тој театар и повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина.

Секоја од трите претстави ќе има по две изведби. Фестивалот, кој е насловен „Иван се враќа дома“, утре ќе почне со претставата „Алиса зад огледалото" од Луис Керол, која е наменета за публика над седум години. Претставата на матичната сцена премиерно е изведена во 2010 а во МНТ ќе биде изведена и в недела, 17 септември. Почетокот на оваа претстава е во 18 часот. На 19-ти и 20-ти  ќе гостува „Отровната туника“ од Николај Гумиљов од 2002, а фестивалот ќе заврши со Шекспировата „Сон на летната ноќ“, премиерно изведена во 2015 година, со  изведби на 22-ри и 23 септември. 

„Мастерскаја П. Фоменко” е еден од најреномираните московски театри, а македонската публика првпат има можност да ги види театарските спектакли во режија на Поповски кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски признанија и имаа исклучителен прием кај публиката. Во претставите учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.

Иако станува збор за класични дела и театарски пристап, секоја од трите претстави се одликува со иновативност доведена до ниво на волшепство и во визуелна и драмска смисла, креација на нови светови во кои речиси е избришана границата помеѓу илузијата и реалноста.

Режисерот Поповски во таа смисла денеска на прес-конференција рече дека во процесот на работа не ја избегнува реалноста, политиката и надворешниот свет.

- Напротив, благодарение токму на тој хаос театарот може да биде место каде што може да пропаднеме во друг свет, истакна Поповски.

На прашањето зошто се интересира за поезија и поетски театар одговори - затоа што театарот треба да разговара на друг јазик, тоа да не биде јазикот на улицата, притоа посочувајќи на принципот на неговиот учител Фоменко чии драми работени по делата на Толстој, Чехов, Островски...се, како што рече, партитура на звук и интонации, музика на прозата. За подготвувањето на претставите Поповски истакна дека сака проект што ќе го создаде заедно со актерите и е секогаш отворен за предлози од нив. 

Директорот на театарот „Мастерскаја П. Фоменко”, Андреј Варабјов, на прес-конференцијата истакна дека им е драго што долго очекуваното доаѓање во Скопје се остварува. 

- Го сакаме Иван и за нас беше принципиелно и важно да направиме своевиден извештај за неговато творештво пред публиката во неговата татковина. Тој е најдобар ученик на реномираниот Фоменко. Прекрасно го изучил неговиот занает, но не го копира туку се обидува да најде свој личен израз,  рече Варабјов.  Додаде дека направиле се да ги донесат спектаклите на Поповски кои се успешни не само во Русија, туку и во светот, а тоа да не биде на трошок на Македонија знаејќи, рече, дека земјата нема сјајна економија. 

Директорот на рускиот театар посочи дека ова им е 25-та сезона, а во изминатите 24 години успеале да направат огромен репертоар со 45 претстави што, како што рече, е голем број за мал театар како нивниот. Покрај тоа, нивниот ансамбл го обиколува светот, па по гостувањето во Скопје ги очекуваат и настапи во Тбилиси, Рига, Талин, Женева...

- Многу вложуваме и во нови претстави. Имаме сопствена лабораторија за педагошка и творечка работа. Живееме со налудничава љубов кон нашата професија и многу се цениме меѓу себе. Денес сме среќни што успеавме да донесеме грандиозни претстави на нашиот колега Иван Поповски пред публиката во неговата земја. Македонија може да се гордее со Иван Поповски кој ја прославува низ светот, истакна Варабјов. 

На сцената на МНТ ќе гостуваат високобуџетни претстави, кои освоија бројни и многу значајни номинации, признанија и награди. „Сон на летната ноќ“, на пример, доби повеќе награди меѓу кои и престижната „Златна маска“ за најдобра претстава минатата година во Русија, која критиката едногласно ја прогласи за извонреден театарски настан. 

„Алиса зад огледалото“, пак, е претстава со најголем буџет досега во театарот „Мастерскаја П. Фоменко” - над половина милион долари.

- Не ги жалиме парите за добар спекаткл, рече Варабјов, а Поповски додаде не е важен износот на парите ако има сигурност дека проектот и гледаноста нив ќе ги врати. 

„Алиса зад огледалото“ за седум години е одиграна 311 пати и продадени се околу 120.000 влезници, „Отровната туника“ за 15 години е одиграна 202 пати и продадени се околу 20.000 влезници, „Сон на летната ноќ“ за само две  години е одиграна 89 пати и продадени се околу 35.000 влезници, а цените на билетите за оваа претстава достигнале и  до15.000 рубљи (над 13.300 денари).

Во контекст на тоа, Поповски рече дека важно е претставата да продолжи да живее и по премиерата, заклучувајќи дека во македонските театри судбината на една претстава често завршува со нејзината премиера. 

- За еден театар е важна продажбата на влезници, а на тоа влијаат навиките за театар, привлечноста на претставата, платежната моќ на публиката..., додаде Поповски. 

Што се однесува до публиката, директорот на МНТ Драган Спасов Дац на прес-конференцијата го повтори она што го соопшти неодамна - дека од почетокот на новата сезона вратите на МНТ ќе се затвораат пет минути пред почетокот на претставата.

- Претставите кај нас почнуваат во 18, 19, 20 и 21 часот. Значи, пет минути пред почетокот на претставата вратата ќе биде затворена. На самите карти ќе има запишано кога се влегува и кога почнува претставата. Тоа е заради непречено следење на претставите на гледачите кои дошле на време и за да не се деконцентрираат самите актери во претставата. Грото од публиката е точна, а тие што доцнат ќе  научат да не доцнат, рече Спасов-Дац.