Бизнис
15. October 2019 - 14:13

Претставени економските потенцијали на Струмица пред почесните конзули во странство

Препорачајте ги струмичките брендови на компаниите во странство, идентификувајте ги потенцијалните инвеститори кои се подготвени да вложуваат во Струмичкиот регион и да изградиме мрежа на партнерство и соработка која ќе има за цел поддршка на развојот на струмичкиот бизнис сектор, а со тоа и поголем економски развој на општина Струмица, истакна градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, пред 37 македонски почесни конзули акредитирани во странство, кои денеска престојуваа во Струмица и беа на приемот што го организираше првиот човек на општината.

Тој им посочи на почесните конзули да помогнат за подобра промоција и пласман на струмичките производи.

-Во сите дипломатско-конзуларни претставништва на нашава земја во странство доставуваме Каталог на фирми од општина Струмица, во кој се претставени најуспешните извозно ориентирани претпријатија од општината. Барам да помогнете за подобра промоција и пласман на струмичките производи од земјоделството, прехрамбените производи, пијалаци, мебел, текстил, градежни материјали, метални производи, амбалажа, хемиски производи и слично, но и да ги понудите услугите на струмичките компании за транспорт, компјутерско програмирање и изработка на софтвер, додаде градоначалникот Јаневски.

Во рамките на посетата на Струмица почесните конзули на Република Северна Македонија акредитирани во странство посетија и производтвени капацитети.