Македонија
9. јуни 2018 - 17:27

Претставата „Ничија земја“ на МНТ го отвори МТФ „Војдан Чернодрински

Со претставата „Ничија земја“ на МНТ синоќа во Прилеп започна 53-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.  Во наредните 8 дена публиката ќе може да погледне 12 претстави во официјалната конкуренција и 5 претстави во придружната програма.

„Ќе имаме радост 8 дена да уживаме во претставите од Македонија, во најдобрите претстави, со преполни сали и целиот град ќе се радува, а исто и јас со нив“, рече уметничкиот директор на фестивалот Катарина Хаџи Василева Коцевска.

Оваа година наградите за животно дело ги добија актерот Петар Арсовски и композиторот Љупчо Константинов.

„ Морам да кажам дека сум среќен, дека наградава многу ми значи. Тамам кога мислев дека сум завршил со кариерата и дека сум заборавен, доаѓа едно признание од моите колеги, кои покажуваат дека не ме заборавиле“, кажа актерот Петар Арсовски, добитник на наградата за животно дело.

„Наградата секогаш е поттик. Јас мислам и понатаму да работам, да бидам посветен на она што го работам, а тоа е сценска музика, применета музика, музика за театар, филм, телевизија“, истакна композиторот Љупчо Константинов, добитник на наградата за животно дело.

Според жирито порачаа дека ќе бидиат праведни и точни во оценувањето.

„Прво очекувам убаво да се дружиме, убави претстави, дружба со публиката прилепска. Многу ми е драг овој фестивал, имам овде земено неколку награди, а еве дојде ред и јас да поделам некоја награда. Сигурно ќе бидам праведен и точен во оценувањето“, изјави Драган Спасов – Дац, член на жирито.

За прилепчани овој фестивал е вистинска гордост. Во наредните 8 дена градот ќе живее со и за уметноста.

За нас, прилепчани, овој фестивал претставува еден голем напредок за уметноста и културата во Прилеп. Со години наназад тоа го правиме во Прилеп, се надевам дека и идните генерации тоа ќе го доживуваат на ваков начин“, кажа Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Фестивалот денес продолжува со „Доктор Фауст“ од битолскиот театар и „Клетници“ во изведба на народниот театар од Прилеп.