Претставата „Карневалите на Корча“ го отвора фестивалот „Скупи“
Претставата „Карневалите на Корча“ на Националниот театар на Косово од Приштина вечерва во Театар Комедија ќе го отвори 13. Меѓународен театарски фестивал „Скупи“, кој до 27 октомври ќе прикаже уште шест претстави од регионов и од Русија.
Првата гостинска претстава, според текст на Спиро Чомора и во режија на Алтин Баша, е комедија од 19 век за богатите луѓе и нивната тенденција да ги „диригираат“ браковите на членовите на семејството.
Утревечер на програмата на „Скупи“ е бугарската претстава „Вујко Вања“ на театарот „Вазраждане“ од Софија; а во наредните денови ќе бидат изведени и: руската „Осамениот Запад“ на театарот „У моста“ од Перм; словенечката монодрама „Жените на Ибзен“ на Покет театар студио од Љубљана; српската претстава „Кири и Клодел“ на Пулс театар и терирем продукција од Белград; албанската „Добра ноќ, мајко“ на Метропол театар од Тирана и македонската „Жени пред нервен слом“ на Театар Комедија.
Според организаторите, седумте претстави на 13. МТФ „Скупи“ се избрани од околу сто што се пријавиле за учество, а програмата, како што соопштија, била конципирана со компромис меѓу нивните можности и желбата да се донесат квалитетни претстави.
Тие се жанровски разновидни – од класиката на Чехов во „Вујко Вања“ до современ театар во „Осамениот Запад“ на Мартин Мекдона, која е многу наградувана и актуелна во матичниот театар во Перм.
По различните локации на кој досега се организираше, годинава „Скупи“ ќе се одржува во Театар Комедија. Организаторите очекуваат дека до следното издание ќе биде отворен новиот објект на Албанскиот театар-Скопје каде што ќе имаат матична сцена.
Ново на Сител
-
Петмесечно бебе е вториот случај на голема кашлица во прилепско
-
Преглед на вестите од светот
-
Почнува кампањата за парламентарните избори - ВМРО-ДПМНЕ традиционално во Охрид
-
Караванот на СДСМ и коалиција почнува од ИЕ4
-
Специјализантите в понеделник во 5 до 12 ќе штрајкуваат пред Министерството за да ги види и слушне Демири
-
Мицкоски во Охрид на увид во градежни активности во 3 клучни проекти
-
СДСМ ја стартуваше кампањата – нема откажување додека Македонија не стане дел од ЕУ
-
ДУИ: По изборите Османи е шеф на државата, Села спикер, а Бугарите дел од Уставот