Македонија
18. July 2017 - 10:27

Претстава „Име“ и концерт на Франческо Дорацио на „Охридско лето“

Драмската програма на 57.„Охридско лето“ продолжува со изведбата на претставата „Име“ на НУ „Театар Комедија“, на авторите Александар де ла Пателие и Метју Делапорт, во режија на Нени Делместре.

Станува збор за комедија на ситуации, во чиј центар е филигранската вивисекција на „непотребните“ расправии во едно семејство.

„Име“ како драмски текст има доживеано и успешна екранизација на филмското платно во Франција. Дејството во претставата е адаптирано за едно македонско современо семејство. Дејството се одвива во станот на сопружниците Бети и Петар каде секојдневието тече со „нормално“ темпо на живеење, сè до моментот, кога братот на Бети, Виктор како иден татко, свечено, но „зајадливо“ ќе го објави името на својот нероден син. Токму луцидната постапка со изборот и најавувањето на фамозното име ќе нè воведе во канонада од недоразбирања во конкретното семејство, во кое расправијата за тоа кое име е прифатливо за детето на Виктор и Ана, ќе доведат до уште поголеми комични заплети. Во претставата како дел од семејството се и Тони, нивниот пријател од детството и сопругата на Виктор, Ана.

Нени Делместре е родена во Сплит, каде што живеела до своите осумнаесет години. Дипломирала технологија на комуникации на Меѓународниот универзитет на Флорида, САД, во 1981 година, а на истиот универзитет во 1984 година дипломирала и театарска режија. Оттогаш режира во Хрватска, Словенија, Венецуела, Мексико, Италија и Македонија. Меѓу другото, преведува драмски текстови од англиски, шпански и италијански јазик, а објавува и есеи од областа на театарот. Од 1997 година работи како режисерка во Народниот театар во Сплит, а во сезоната 2002/2003 беше директорка на ХНТ „Сплит“. Од 2002 до 2004 год. беше директор на драмската програма на „Сплитско лето“.

Улогите во претставата ги толкуваат Атанас Атанасовски, Јелена Жугиќ, Роберт Ристов, Илија Илиоски и Кристина Ласовска.

Поради неповолните временски прилики претставата што требаше да се изведува на отворената сцена на Предворјето на „Света Софија“ ќе се игра на Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

За вљубениците во музичката уметност вечерва сцената на Катедралнта црква „Света Софија“ е резервирана за солистичкиот концерт на италијанскиот виолинист Франческо Дорацио, кој ќе изведе одбрани соло партитури на Бах, Берио, Изаи, Чеса, Дал Онгаро.

Маестро Дорацио е дипломец на академиите „Моцартеум“ во Салцбург, под менторство на Денес Зигмонди и на „Рубин“ во Тел Авив, во класата на Јаир Клес. Како солист настапува во Европа, САД, Јужна Америка, Австралија, Кина и Јапонија. Негови изведби се запишани на носачи на звук на издавачките куќи „Дека“, „Хиперион“, „Опус 111/ Наив“, „Страдивари“ и „Амадеус“. Настапите го носат Франческо Дорацио на сцените на некои од најпрестижните светски концертни сали и аудиториуми, како миланската „Скала“, салата на Берлинската филхармоинја, Академијата „Санта Чечилија“, лондонските „Ројал Алберт хол“ и „Кадоган хол“, Центарот за барокна музика во Версај, како и на фестивалите во Буенос Аирес, Истанбул, „Мито“ во Торино, Монпелје, фестивалите во Равена, Равело, Урбино, Салцбург, Стразбур, Стреса, Танглвуд и на Венециското биенале.

Франческо Дорацио свири на виолина „Гварнери“ со име „Грофот од Кабриак“ изработена во 1811 година во Кремона, како и на вреден инструмент изработен од францускиот мајстор Жан Баптист Вијом во 1863 година.