Балкан
2. March 2017 - 13:59

Претседателските избори во Србија закажани за 2 април

Претседателката на српскиот Парламент Маја Гојковиќ денеска ги закажа претседателските избори во Србија за 2 април.

Гојковиќ изјави дека евентуалниот втор круг од изборите може да биде закажан за 16 април.

Српската прогресивна партија едногласно го избра премиерот Александар Вучиќ за свој кандидат за претседателските избори.

Свои кандидатури веќе објавија и лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ и поранешниот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ.

Според последните анкети најголеми шанси за победа има Вучиќ, кој може да добие над 50 отсто од гласовите уште во првиот круг. 

Според српскиот Устав претседателот на државата се избира за мандат од пет години и не може да биде на таа функција повеќе од два пати.