Македонија
15. May 2020 - 19:58

Претседателот Пендаровски одобри нова вонредна состојба

Наместо 30 шефот на државата донесе одлука за нова вонредна состојба од 14 дена. Пендаровски тврди – ова е неопходно исклучиво за да се менаџираат економските и здравстествените ефекти од корона вирусот, а не заради изборен поткуп на гласачи или одредување на датумот за избори. Шефот на државата очекува владата во овој период постепено да ги укинува рестриктивните мерки.

Пендаровски потврди дека на денешниот состанок на Советот за безбедност се отворило прашањето и за одржување избори, но конечната одлука ќе се носи на лидерската средба најверојатно во понеделник. По добиените извештаи од Комисијата за заразни болести и Државната изборна комисија, дотогаш се очекува и ставот на ОБСЕ/ОДИХР, кога и под кои услови може да го набљудуваат изборниот процес.

Општиот впечаток на Советот за национална безбедност е дека државата успешно се справува со здравствениот предизвик и дека сите досегашни мерки даваат конкретни резултати. Токму затоа Пендаровски смета дека периодот до 30 мај е сосема доволен за извршната власт да ги изменаџира ресурсите и да обезбеди услови за норамализирање на секојдневниот живот на граѓаните.