Македонија
5. јуни 2019 - 12:31

Претседателот Пендаровски на средба со делегација на МАНУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со делегација на Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ, предводена од претседателот Таки Фити.

На средбата, како што информира кабинетот на претседателот, биле разменети мислења за состојбите во државата, при што било констатирано дека МАНУ има клучна улога во развојот на општеството, преку науката и научната мисла и негувањето и унапредувањето на уметностите.

Од страна на претседателот Пендаровски било истакнато дека е неопходно државата континуирано да ја консултира Академијата за сите суштински прашања од политичката, економската, социјалната и културната област.

Делегацијата на Академијата изразила подготвеност за натамошна соработка во интерес на граѓаните и на државата.

Двете страни разговарале и за тековната работа на Академијата и за потребата од постојано инвестирање во науката како клучен предуслов за одржлив општествен развој на државата. Академик  Таки Фити го информирал претседателот за активностите на Академијата кои вклучуваат голем број научно-истражувачки проекти и учество на домашни и меѓународни конференции.