Македонија
11. March 2020 - 13:44

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Куба и Египет

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Куба и на Египет.

На церемонијата на предавање на акредитиви од страна на Каридад Јамира Кието Милиан, новоименувана амбасадорка на Куба во земјава, со седиште во Софија, претседателот Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека постои заемен интерес и значителен потенцијал за уште посеопфатна соработка, како и за содржински квалитетно развивање и натамошно унапредување на меѓусебните односи во интерес и за доброто на двата пријателски народи.

Амбасадорката Милиан ја изрази целосната посветеност и подготвеност на Куба за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог со Северна Македонија, за развој на билатералните односи на различни полиња и за поттикнување на економските и трговските врски меѓу двете држави.

Истакнувајќи дека Северна Македонија и Египет ги поврзува долга традиција на пријателство и заемно уважување, претседателот Пендаровски, како што информираа од неговиот кабинет, на предавањето на акредитиви од страна на Калид Ибрахим Емара, новоименуван амбасадор на Египет во земјава, со седиште во Софија, нагласил дека постои интерес за унапредување и за фокусирање на развојот на односите во сферата на економијата, трговската размена, како и културата, образованието, науката и технологијата.

Амбасадорот Емара рече дека двете земји и двата народи имаат долгогодишна традиција на пријателство која се темели на споделените искуства и вредности подвлекувајќи дека во наредниот период, негова мисија ќе биде продлабочување на одличната соработка во многу области од заемен интерес и истражување на нови области на меѓусебна соработка кои ќе бидат во корист на двата народи.

Претседателот Пендаровски, информираат од неговиот кабинет, на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.