Македонија
25. September 2018 - 16:09

Претседателот на Врховен го одложи сведочењето за злоупотребите на АКМИС-от

Наместо денес, првиот човек на Врховниот суд утре ќе даде исказ пред Основното јавно обвинителство за злоупотребите со АКМИС системот. Поради работни обврски Јово Вангеловски утрово не се појави на закажаниот распит, а за ова писмено ги извести надлежните обвинители.

Вангеловски во овој дел од постапка е повикан како сведок во предистражната постапка која ОЈО Скопје ја отвори за злоупотреби на системот за електронска распределба на судски предмети. Извештајот изготвен од страна на Министерството за правда утврди бројни нерегуларности во АКМИС системот во најголем дел во Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд. Чести промени на годишниот распоред за работа на судиите, предмети делени на рака и преку телефон, како и распределба на судии од граѓанскиот во кривичниот оддел.

За сето ова пред пет дена исказ во обвинителството даде и поранешниот прв човек на Кривичниот суд Владимир Панчевски, кој е осомничен за злоупотреба на службената положна и несовесно работење. По три часа минати во обвинителството Панчевски обвини дека АКМИС системот во скопскиот основен суд е дефектен и закочен на судијаката Кацарска, но не одговори што го прашувале јавните обвинители.