Македонија
4. April 2018 - 17:15

Претседателот на Собранието, Џафери се сретна со словенечкиот премиер Церар

 Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери денеска се сретна со делегација од Република Словенија, предводена од премиерот Миро Церар.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието соопштија дека на средбата присуствувале и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија: Фросина Ташевска-Ременски, Шпреса Хадри, Лилјана Поповска и Неџбедин Каремани.

Претседателот на Собранието на Република Македонија на почетокот на средбата нагласил дека Република Словенија е првата држава која воспостави дипломатски односи со Република Македонија и која беше наш прв промотор во Обединетите нации и изразил благодарност за поддршката на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ.

Претседателот Џафери ги реафирмирал заложбите за реформските процеси во Законодавниот дом во приоритетните области, како и за преземените чекори во насока на подобрување на добрососедските односи, поконкретно, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и значајното интензивирање на комуникацијата со Република Грција. Во таа насока, претседателот на Собранието ги повторил очекувањата Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија овојпат да содржи безусловна препорака за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и дека меѓународната заедница ќе ги вреднува постигнатите реформи за земјата да стане полноправна членка на НАТО.

Премиерот на Република Словенија, Миро Церар ја потврдил искрената и силна поддршка која Република Словенија во континуитет ја дава за евроинтеграциските процеси на Република Македонија и објаснил дека смета дека тоа е во интерес на стабилноста на регионот и на Европа воопшто. Тој нагласил дека кај европските лидери постои подготвеност да направат чекор напред за придвижување на евроинтегративните процеси за земјите од Западен Балкан, со јасна декларираност за нивната европска перспектива.

Соговорниците биле согласни за значењето на парламентарната дипломатија во унапредувањето на односите меѓу земјите и во рамките на меѓународните мултилатерални организации, особено за потребата од интензивирање на билатералната соработка меѓу парламентите на Република Македонија и Република Словенија.