Македонија
20. December 2017 - 17:17

Претседателот на Собранието, Џафери се сретна со албанскиот претседател Мета

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во рамки на посетата на Албанија, денеска се сретна со албанскиот претседател Илир Мета.

Од Кабинетот на собранискиот претседател соопштија дека средбата се одвивала во пријатна атмосфера, што е знак на одличните билатерални односи меѓу двете соседски земји кои немаат меѓу себе отворени прашања и тоа била заедничка констатација на задоволство на двете страни. 

Двајцата соговорници биле едногласни во однос на продолжувањето на ваквите односи на високо ниво и во иднина, со тоа што тие ќе се зајакнат и продлабочат меѓу законодавната, извршната и судската власт во земјите, на што Мета додал дека таквата соработка треба да ги вклучи меѓуграничната соработка, соработката на ниво на општини, како и економската соработка во целина.

Мета истакнал дека Република Албанија која е членка на НАТО, е силен поддржувач на Република Македонија за полноправно членство во оваа безбедносна структура, при што се согласил дека приоритетна задача за Република Македонија во наредниот период е спроведувањето на реформите и градењето на добрососедските односи со сите соседи, нешто што е клучно не само за стабилноста на земјата, туку и за регионот во целина.

Во овој контекст, претседателот Џафери го информирал Мета за актуелната политичка состојба во Република Македонија, истакнувајќи дека сме насочени на градење на вистинско граѓанско општество со користење на демократските механизми што се на располагање во рамки на Уставот и важечките закони во Македонија, на спроведување на реформските процеси кои се клучни за интеграцијата во ЕУ и НАТО и на воспоставување на добрососедски односи со сите соседи.

Покрај успешната заедничка седница на владите на двете земји во Подградец, ја потенцирал и посветеноста на актуелната Влада во постигнувањето и потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и интензивирањето на комуникацијата со Република Грција, при што двајцата соговорници истакнале дека во овој период е создадена позитивна политичка клима за решавање на клучните прашања кои ќе бидат од корист за влез на регионот во европското семејство и дека овој поволен моментум не смее да се пропушти.

Покрај овие прашања, на средбата се разговарало и за унапредувањето на правата на етничките заедници кои живеат во двете земји, при што Џафери го поздравил донесувањето на Законот за малцинствата во Албанија, со кој се признаваат девет национални малцинства, меѓу кои и македонското и нагласил дека е потребно парламентите во континуитет да ги подобруваат законските рамки во таа насока со цел граѓаните да ги уживаат сите права и да се чувствуваат добро каде и да се наоѓаат.