Македонија
3. July 2022 - 17:14

Претседателот на МАНУ, Синодот на МПЦ-ОА, дијаспората со јасно „НЕ“ за францускиот предлог

Претседателот на МАНУ не го прифаќа модификуваниот француски предлог. Академик Коцарев со кратка и децидна порака одговори на прашањето на Сител.
„Мојот став е јасен: НЕ.“

Синодот на Македонската православна црква бара да се заштитат македонските национални интереси, а Владата да биде транспарентна.
„Во овој процес, историските прашања и Договорот за добрососедство со Бугарија не треба да бидат дел од преговарачката рамка“, сметаат од МПЦ.

Социјалистичката партија на Македонија со апел да не помине вакво предавство. Македонија не смее да биде уценета и згазена. Достоинството мора да се зачува, порачуваат од партијата.

Левица со став дека преку протоколот Бугарија ќе ја ревидира историјата, учебниците и јазикот.
„Иако власта упорно манипулира дека Протоколот не е дел од преговарачката рамка, во ниту еден документ нема гаранции дека Бугарија нема да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ, доколку не се спроведат барањата од Протоколот“, велат од Левица.

И Организацијата Обединета македонска дијаспора смета дека во предлогот нема гаранции за чист македонски јазик.
„Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) бара од Владата на Ковачевски веднаш да го одбие францускиот предлог кој е тројански коњ за бугарските националистички барања и апетити“, стои во нивниот допис.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценува дека власта и овозможува на Бугарија континуирано вето во преговарачкиот процес.

„Со овој предлог прават трајна штета на македонските национални и државни интереси, кои водат или кон вечно преговарање или кон асимилација, промена на учебниците, промена на историските читанки за лица и настани од македонската историја и директно задирање во идентитетските прашања“, вели драган Ковачки, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ.

„Секому му е јасно дека во предлогот од француското претседателство имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека историските прашања нема да се дел од преговарачкиот процес. Кога се во прашање теми од врвен национален и државен интерес, како што е евроинтеграцискиот пат на државата, иднината на граѓаните и заштитата на македонскиот идентитет, потребна е одговорност, зрелост и државнички капацитет“, пишува во реакцијата од СДСМ.

За Партијата на пензионери предлогот на Француското Претседателство е прифатлив, бидејќи не ги оспорува елементарните услови за заштита на македонските државни и национални интереси во процесот на пристапување во ЕУ. ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски го оценува францускиот предлог како најдобар во последните неколку години. За разлика од овие коалициони партнери во Владата, вчера лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, повика да не се потпишува предлогот и побара за него граѓаните да се изјаснат на референдум.

Од ЛДП информираат дека интерните комуникации и разговори во рамките на владината коалиција се интензивни. ЛДП и ДОМ сè уште се без јасен став иако првичната драфт верзија први ја одбија и најавија напуштање на коалицијата. Попладнево и НСДП информиршае дека сè уште го разгледуваат предлогот.