Македонија
17. September 2019 - 10:59

Претседателот на Европскиот комитет на регионите Ламбертс во посета на Скопје

Претседателот на Европскиот комитет на регионите, Карл-Хајнц Ламбертс, од денеска е во работна посета на Република Северна Македонија.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи е домаќин на Ламбертс, кој ќе има средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери, а ќе оствари одделни средби и со министрите за надворешни работи и локална самоуправа, Никола Димитров и Горан Милевски.

Во агендата на Ламбрет предвидена е и заедничката средба со Петре Шилегов, претседател на Заедницата на единиците на локални самоуправи и градоначалник на Град Скопје и Благој Бочварски копретседавач на Делегацијата на Република Северна Македонија во работата на Заедничкиот консултативен комитет.

На средбата со вицепремиерот Османи, како што соопшти неговиот Кабинет, ќе се разговара за можностите за унапредување на соработката која се одвива преку Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската унија, како дел од напорите на земјата за усогласување со европските правила, стандарди и вредности на сите нивоа. Покрај актуелностите поврзани со европските интеграции, ќе бидат отворени и темите за развојот на локалните власти, децентрализацијата, соработка помеѓу централната власт и локалната самоуправа, како и размена на добри практики меѓу европските региони и градовите.