Македонија
7. April 2017 - 16:40

Претседателот Иванов за ХТВ: Заев влезе во туѓа игра од која сега не може да излезе

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е преплашен човек, кој не може да го испорача тоа што го ветил и од страв прави грешки, изјави Претседателот Иванов во интервјуто во емисијата ,,Еден на еден’’ на Хрватската телевизија. 

-Заев прави грешки. Кога е човек уплашен прави грешки. Тие негови грешки сега го внесуваат во многу потешка состојба од кога ја почна цела оваа состојба, кога сакаше преку снимки кои тој вели дека ги добил од странски служби, да ја сруши легално избраната Влада на Република Македонија, вели Иванов.

Иванов додава дека 67-те потписи на Заев се добиени со уцена за прифаќање на тиранската платформа, на туѓа држава, која Претседатеот не може да ја прифати, бидејќи според законот би ја урнал независноста на државата

-Тие 67 потписи, се добиени под уцена на албанските партии да Заев прифати платформа која е донесена во Кабинетот на премиерот на туѓа држава. Доколку јас дадам мандат на некој што прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот Кривичен закон, членот 308 јас ја доведувам, ја рушам независноста на државата. Значи таму изричито стои: тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност на друга државност се казнува до пет години. Значи, јас како Претседател, кога ја земав функцијата дадов заклетва, свечена изјава. Мојата заклетва се разликува од другите  јавни функции и таму стои дека јас морам совесно и чесно да ја обавувам функцијата Претседател на Република Македонија, да ги почитувам Уставот, законите, но и територијалниот интегритет, сувереноста и независноста на државата, изјави Претседателот.

Според шефот на државата ако таа платформа влезе во уставот, Македонија од мултиетничка, ќе стане бинационална, по примерот на Кипар и на чекор до создавање трета албанска држава.

-Суштината на платформата е да се смени уставното уредување на Република Македонија. Значи Македонија од мултиетничко општество, со унитарна држава да стане биетничка, односно споредба би можеле да кажеме, Македонија да стане еден Кипар. Само што Македонија не е остров...

Со таа тиранска платформа престанува Македонија да постои како таква што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност што се промовира, бијазничност, ние имаме тогаш два сегменти во Македонија кои се и етнички и и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп и тогаш граѓаните со сигурност, се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор трета албанска држава.

Иванов вели дека и во Советот на министри на ЕУ е отворено прашањето за платформата од Тирана, но тоа јавно не се соопштува. Тие не можат јавно да ја осудат платформата, затоа што би настанале проблеми за главниот актер, Премиерот Еди Рама, кој би имал проблеми во Албанија доколку би се повлекол од истата, што дополнително ја комплицира состојбата, смета Иванов.