Македонија
15. November 2018 - 19:23

Претседателот Иванов се сомнева дека УБК ги следи неговите активности

Врз основа на што Управата за безбедност и контраразузнавање ги следи активностите на Претседателот на државата и неговиот кабинет? Ова е прашањето што денеска во дописи до УБК, Министерството за внатрешни работи и до Кривичниот суд го испратил шефот на државата Ѓорѓе Иванов. Тој се сомнева дека е следен од службите поради белешка на УБК во која било наведено дека ексминистерот Миле Јанакиески, по бегството на експремиерот Груевски, преку посредник побарал помилување од шефот на државата, а доколку тоа не се случи и тој ќе избега.  Оваа белешка на УБК е причина за вчерашниот притвор на Јанакиески.

Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК? ... Очигледно е дека продолжува практиката на конструкции и генерирање на кризи во македонското општество од неодговорно однесување на припадници на УБК, нешто што Претседателот Иванов го потенцираше во годишното обраќање до пратениците во 2017 година“, пишува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Иванов категорично одбива каква било инволвираност во врска со случајот на Јанакиески. Од кабинетот на претседателот велат дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник како што е наведено во службената белешка на УБК.

 „Миле Јанакиески телефонски побара средба со Претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16:00 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција. Сметаме дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки со цел да се инволвира Претседателот на Република Македонија, видливо од јавно објавеното образложение на решението на Судот“, пишуваат од кај Иванов.

Дека службената белешка не е точна и дека Јанакиески не планирал бегство доколку не добие помолување, во името на ексминистерот тврди неговиот адвокат.

 „ Ме замоли мојот клиент Миле Јанакиески, бидејќи не може да зборува, дека не се точни наводите во таа службена белешка на УБК оти испратил посредник кај претседателот Ѓорге Иванов за да преговара да му даде амнестија. Јанакиески и Иванов се долгогодишни куќни пријатели кои се посетуваат на разни семејни поводи години наназад. Според тоа, не му ни треба посредник за да се видат. На 13 ноември, завчера, Јанакиески лично отишол кај Иванов за да разговараат за документ кој е дистрибуиран кај лидероте на партиите и кај странските амбасади и тој не бил тајна. За каков документ се работи, немам податоци“, вели адвокатот 

Поранешниот министер Миле Јанакиески, вчера беше притворен поради опасност од бегство, како обивнет во случајот ТНТ.