Македонија
6. July 2017 - 17:17

Претседателот Иванов на форумот Кран Монтана

Во случајот со Република Македонија, воопшто, не се почитува меѓународниот договор склучен со една наша соседна земја, кој создава меѓународно правни обврски. Имаме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг која сите ја игнорираат, небаре не постои. Македонија направи многу за безбедноста на Европа, а сè уште се третира како трета земја, па дури и пристапот кон одредени безбедносни инструменти на ЕУ ни е ограничен. Македонија е пример за тоа како една земја може да биде предмет на двојни стандарди кои се граничат со лицемерие, рече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на 28. Годишна сесија на Форумот Кран Монтана, што се одржува во Барселона.

Ивабов останува оптимист дека од нашето искуство ЕУ и НАТО, како и земјите од нашиот регион ќе извлечат поуки од овој погрешен пристап кон Република Македонија.

-Имајќи ја предвид темата за која зборуваме, не можам да видам ниту една друга одржлива стратегија за стабилност во услови на глобално непредвидлива средина освен враќањето кон единствениот вид поредок кој даваше стабилност – имено почитувањето, а не наменското толкување на меѓународното право и преземените меѓународни обврски. Ова оди рака под рака со максимална соработка, пред сè, во сферата на безбедноста и на борбата против главните предизвици – екстремизмот и тероризмот, рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов посочи и на начинот на кој Република Македонија се справи со мигрантската криза, кој како што оцени бил успешен.

-Мигрантската криза ги увери и најголемите скептици во две нешта: прво, дека мала територија не значи и неважна територија и, второ, дека мала земја не значи и мала улога во глобалните процеси, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател оцени дека темелите на поредокот каков што го знаеме се сериозно разнишани и затоа, како што рече, сме во состојба на  глобален непоредок.

На сопругата на македонскиот претседател Маја Иванова утре ќе и биде доделена наградата Златен медал на форумот Кран Монтана за нејзините активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер.

Форумот „Кран Монтана“ е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност. Активностите и настаните во рамки на форумот се насочени кон создавање платформи коишто ќе им овозможат на политичките и бизнис лидери да ги имплементираат своите стратегии, да ги зајакнуваат партнерствата и да развиваат нови можности за соработка. Форумот соработува со меѓународни институционални партнери, како агенциите на Обединетите нации, Европската унија и Советот на Европа.