Македонија
29. September 2016 - 14:18

Претседателот Иванов ги прими акредитивите од новите амбасадори на Франција, Словенија и на Белгија

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Француската Република, Кристијан Тимоније, на Република Словенија Милан Јазбец и на Кралството Белгија Франсоа Бонтан. 

На средбата со францускиот амбасадор било изразено задоволство од досегашниот развој на меѓусебната соработка меѓу Француската Република и Република Македонија, како резултат на заеднички напори, при што се воспоставени динамични политички односи, како и односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување.

Претседателот Иванов, соопшти денеска неговиот Кабинет, нагласил дека Република Македонија во Француската Република гледа голем пријател и искрен сојузник во реализацијата на стратешките цели, како и партнер во сферата на безбедноста и соочувањето на актуелните предизвици. Во тој контекст, Иванов истакнал дека е значајна поддршката која Француската Република ѝ ја дава на Република Македонија во процесот на нејзината интеграција во Европската унија и НАТО.

- Во голема мера, постојаните политички кризи во кои се наоѓа Република Македонија се должат и на предолгиот статус кво во интеграциите. За целосно надминување на политичката криза, мое длабоко уверување е дека повторно ни е потребна трансформирачката енергија на интеграциите, кои ја доведоа Македонија да биде земја со исполнети услови за членство во Алијансата, да биде земја спремна да ги отпочне пристапните преговори со Унијата. Неопходен ни е исчекор, следна фаза во интеграциите. На тој план ја очекуваме и се надеваме на поддршката од Франција, истакнал претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Француската Република го поздравил успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји нагласувајќи дека Република Македонија е пријателска земја која и понатаму ќе ја придружуваат на нејзиниот европски пат. Една од тие активности, посочил, беше и Самитот за земјите од Западен Балкан во Париз кој се одржа во јули годинава.

- Самитот во Париз, кој се одржа годинава во месец јули покажа дека Франција ја поддржува Македонија и ја смета за важен сегмент за стабилноста на овој регион. Нејзините напори за да изгради модерна, демократска и ефикасна армија заслужуваат признание. Ја цениме нејзината спремност за да учествува, во даден момент, во напорите за постигнување на меѓународен мир. Особено ја почитуваме извонредната соработка од областа на безбедноста и опасностите во неизвесниот свет, нагласил амбасадорот Тимоније.

На средбата со новоименуваниот амбасадор Јазбец, претседателот Иванов се заблагодарил на досегашната поддршка која Република Словенија ја даде за аспирациите за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО и изразил уверување дека одличната соработка и заемната поддршка на регионално ниво и на мултилатерален план ќе продолжат со интензивирање во периодот што следи.

- Конструктивниот дијалог е резултат на заедничката волја на двете земји да го одржат позитивниот тренд во билатералната соработка, да дадат свој придонес за стабилноста и безбедноста на нашиот регион, но и за заедничката европска иднина.  Убеден сум дека и во периодот што следи, ќе продолжиме со напорите за  интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес, рекол претседателот Иванов на свечената церемонија на предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец.

Амбасадорот Јазбец ја потврдил заложбата на неговата земја за унапредување на билатералната соработка, нагласувајќи го конструктивниот дијалог на највисоко ниво, како и продолжувањето со поддршката за европските и евроатланските интеграции на Република Македонија. Во таа насока, тој изразил уверување дека и за време на неговиот мандат како вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Словенија ќе продолжи досегашната динамика на заемната соработка.

Како што соопшти кабинетот на Иванов, на средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Белгија за Република Македонија со седиште во Софија, Франсоа Бонтан било истакнато дека постојат и можности и капацитети кои со интензивирање на политичкиот дијалог ќе придонесат за понатамошно унапредување на севкупните односи меѓу двете земји.

- Фокусот несомнено треба да биде ставен на унапредување и развој на економската соработка, јакнење на трговската размена, како и на соработката на планот на безбедноста. Истовремено, сметам дека резиденцијалното дипломатско присуство на Кралството Белгија во Република Македонија ќе придонесе кон интензивирање на контактите и меѓусебната соработка, нагласи претседателот Иванов.

Во однос на актуелните предизвици со кои се соочува Европа и светот, како што се мигрантската криза, безбедносните предизвици и борбата против тероризмот и милитантниот радикализам претседателот Иванов и амбасадорот Бонтан ја истакнале потребата од поинтензивна билатерална соработка, но и подинамична и отворена безбедносна соработка и во светски рамки.

Амбасадорот Бонтан изразил уверување дека во периодот што следи Кралството Белгија ќе продолжи со поддршката  на процесот на проширување на Европската унија и НАТО алијансата, во чии рамки е и зачленувањето на Република Македонија.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посакал успешно извршување на одговорната дипломатска функција.