Македонија
18. November 2016 - 14:45

Претседателот Ѓорге Иванов ја посети МАНУ

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите  и имаше средба со претседателот на МАНУ Таки Фити и со членовите на Претседателството на Академијата. Во пресрет на неговата посета на Бугарската академија на науки идната седмица, Иванов разменил мислења и информации за стратешките правци и теми кои се од интерес за Република Македонија, како и за сегашните и идните активности на МАНУ. 

- Претседателот Иванов и членовите на МАНУ разговараа за евроатлантските интеграции на нашата држава, за регионалната соработка и добрососедските односи, како и за соработката на МАНУ со академиите на соседните држави во насока на поттикнување на култура на заемно разбирање и почитување. Тој ги поздрави напорите и активностите на МАНУ за поблиска и поинтензивна научна соработка со академиите од соседството и од регионот, и притоа нагласи дека таквиот начин на комуникација и соработка ќе даде дополнителен импулс на добрососедските односи, негувањето на заедничките вредности и градењето доверба, соопшти Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. 

Иванов ги запознал академиците со ангажманите и активностите кои ги презема во градењето на добрососедските односи, за приоритетите на Република Македонија во регионалната соработка, како и за приоритетите на Самитот на „Брдо-Бриони процесот“ на којшто следната година ќе биде домаќин. 

- Македонскиот претседател истакна дека како и досега така и во иднина, ќе ја поддржува Академијата во нејзината работа за унапредување и развој на науката, уметноста, културата и образованието, и ќе ги поддржува иницијативите насочени за создавање услови за подобра иднина на граѓаните на Република Македонија, информира Кабинетот. 

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, и членовите на Академијата изразиле задоволство од средбата со претседателот Иванов, на која го информирале за идните активности и проекти на Академијата, како и за научната соработка и конкретните иницијативи кои заеднички ги реализираат со академиите на други држави, особено со Бугарската академија на науки.