Свет
14. December 2017 - 18:38

Претседателите на Кина и Јужна Кореја се заложија да се избегне војна во регионот

- Кинескиот претседател Си Џинпинг и претседателот на Јужна Кореја Мун Џае-ин денеска дадоа заедничка изјава за кризата на Корејскиот Полустров, според која неприфатливо е да има војна со Северна Кореја, и неприфатливо е нуклеарното вооружување на државите на Полуостровот.

Пораката е упатена кон Северна Кореја, која развива нуклеарен арсенал и ракети со кои би можела да ги погоди како соседните држави како Јужна Кореја и Јапонија, така и САД. Ова драматично ги влоши односите во регионот, при што водачите на САД и Северна Кореја си упатија сериозни закани и навреди.

Претседателите Си и Мун изјавија дека нивните заеднички четири принципи по прашањето на корејската криза се дека не смее да дојде до војна, мора да се работи на отстранување на нуклеарното оружје од регионот, сите проблеми мора да се решаваат со дијалог и дека двете Кореи мора да ги подобрат своите меѓусебни односи.

Двајцата претседатели се сретнаа во Пекинг, при што претседателот Мун повика на нов старт во односите меѓу Јужна Кореја и Кина. Двете земји потпишаа договори за олеснување на меѓусебната трговија, а разговараа и за распоредувањето на американскиот противракетен систем ТХААД во Јужна Кореја, кое Кина го смета за закана