Бизнис
9. February 2019 - 16:12

Претпријатие кое должи за данок вработува на оглас

Нови огласи за вработување во државни фирми и институции.

ЈП Македонски железници Инфраструктура вработува 25 нови лица. Директорот Ирфан Асани објаснува дека огласите за вработување се објавени пред распишување на изборите и немаат никаква врска со тоа. Во МЖ Инфраструктура работат околу 1.300 вработени, а систематизацијата дозволува бројката да се зголеми за 20%. Па, според тоа, имало можност да се вработат уште 260 работници. Освен за 25-те, за кои веќе е објавен оглас за вработување, во буџетот на фирмата за годинава се предвидени пари за уште 45 нови вработувања, но не се знае дали ќе се реализираат. Инаку, ова јавно претпријатие е меѓу 50-те најголеми должници на државата. На листата, што Управата за јавни приходи ја објави вчера, Инфраструктура заклучно со 31.01.2019 по основ на ДДВ должи околу 580.000 евра. Директорот вели дека фирмата нема долгови кон вработените и редовно исплаќа плати.

Вработува и Комисијата за хартии од вредност. Имаат потреба од 5 лица за плата од 32.000 до 62.000 денари.

“Од страна на Комисијата за хартии од вредност е објавен оглас за пополнување на работни места кои се предвидени во Систематизацијата на институцијата неколку години наназад. Дел од нив се упразнети поради заминување на вработени од КХВ на други работни места во приватен сектор, а дел ќе бидат пополнети по препорака на Државниот завод за ревизија, (и меѓународните институции) мисијата FSAP на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка заради непречено функционирање на регулаторот на пазарот на капитал”, велат од Комисијата за хартии од вредност. Последното вработување било во февруари 2015 година.

Инаку, веќе подолг период има активни огласи за вработување во повеќе државни институции.

За експертите, и оваа влада како и претходната го прекрушува договорот да нема вработувања 3 месеци пред избори. Со ваквите огласи со кои се полни администрацијата власта сака да си обезбеди и успешни избори и победа на нив.

Во меѓувреме, се реализираа серија вработувања на блиски роднини на државни функционери. Сестрата на министерот Адеми, неодамна се вработила во ЕЛЕМ.