Македонија
4. September 2015 - 12:16

Претплатнички циклуси за концертите на Македонската филхармонија

Македонската филхармонија и годинава ги обезбедува традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“.
 
Како што информира во пресрет на новата концертна сезона 2015/2016 која почнува на 1 октомври, циклусот „Фортисимо“ ги вклучува сите концерти на Филхармонијата и чини 6.500 денари, „Мецо“ вклучува избор од девет концерти и чини 3.700 денари, додека „Пијанисимо“ е избор од пет концерти и чини 2.000 денари.
 
Блоковите од билети, кои ќе имаат и промотивен попуст, ќе бидат пуштени во продажба од 10 септември, а ќе можат да се набават на билетарата во Домот на АРМ. 
 
Публиката која ќе купи претплатничка картичка, ќе има можност да ги слушне Александар Књазев, Алина Ибрагимова, Евгени Божанов, Голда Шулц, Евгениј Корољов, Сајака Шоџи, Џо Пауерс, Ави Авитал, Емил Табаков, Јануш Пшибилски, Кејс Скалионе, Дорон Соломон, Тимоти Редмонд, Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Исмаил Лумановски, Ана и Игор Дурловски, Анна Кондратенко, Дритон Гаџа...
 
Македонската филхармонија ја почнува годинашната сезона со концертот „Маратон Брамс“ под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, а како солист ќе се претстави извонредниот Алексеј Володин, еден од најбараните пијанисти на денешницата. Володин истата вечер ќе изведе два концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.