Македонија
14. December 2018 - 9:00

Преспанскиот договор ги подгрева состојбите, Скопје и Атина очекуваат успешна завршница

Процесот на уставните измени кои се обврска од Договорот од Преспа се одвива со предвидената динамика, а треба да финишира со усвојување на амандманите со двотретинско мнозинство на пленарна седница што начелно треба да се одржи на 15 јануари, наредната година. Процесот потоа од македонското Собрание се сели во Парламентот на Грција каде Договорот треба да биде ратификуван истовремено со потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. За разлика од Македонија во Грција ратификацијата треба да добие поддршка од апсолутно мнозинство, односно потребни се 151 глас во 300-члениот Парламент.

Кај владите во Скопје и во Атина постои цврста увереност дека процесот ќе биде успешно заокружен и во двете земји. Она што на процесот му дава доза на несигурност се изјавите на лидерот на Независни Грци, и министер за одбрана Панос Каменос, кој е коалициски партнер во Владата на Ципрас, но и се понервозните изјави на политичари од грчките опозициски партии како процесот се ближи кон крајот.

Портпаролот на македонската Влада Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција на која информираше дека е утврдн текстот на предлог-амандманите, изјави дека Владата е целосно посветена на имплементацијата на Преспанскиот договор, а истото го добиваат, вели и од другата страна, односно од Владата во Атина.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, пак, во интервју за грчката телевизија ЕРТ рече дека неговата проценка е оти на крајот на февруари или почетокот на март, договорот би можел да дојде на пленарна седница во грчкиот Парламент и дека ќе има парламентарно мнозинство за ратификација.

-Политичките и парламентарните корелации укажуваат на едно јасно мнозинство кое што ќе биде широко, рече Ѕанакопулос и објасни дека „целта на Владата е да добие широко парламентарно мнозинство, над 151 пратеник“.

Специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, по средбата вчера во Њујорк со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, излезе со оценка дека,„очигледно политичкиот процес во двете земји напредува“, а тој како претставник на ОН изрази подготвеност да помогне, ако на двете страни им е потребна неговата помош.- Обединетите нации се подготвени да помогнат, рече Нимиц.

Катругалос, од своја страна, истакна дека на средбата со Нимиц ја повторил „посветеноста на Грција на духот и на содржината на Договорот од Преспа, со предусловот што се подразбира, дека оваа посветеност е заемна и за другата страна“.

– Разговаравме за напредокот и за одредени проблеми што се создадоа во изминатиот период и му се заблагодарив за важниот придонес што го направи досега за, се надевам конечно, решавање на ова прашање, рече Катругалос.

Министерот за одбрана и лидер на Независни Грци, Каменос, пак, вчера изјави дека нема да чека Договорот од Преспа да стигне во грчкиот Парламент, туку штом поминат и завршат процедурите во македонското Собрание, ќе си поднесе оставка и ќе се повлече од Владата, јави дописничката на МИА од Атина. Досега, ставот на Каменос беше дека ќе се повлече од Владата, кога Договорот од Преспа ќе стигне за ратификација во грчкиот Парламент, а не штом помине во македонското Собрание.

Во меѓувреме, цврста реафирмација на американската поддршка за Договорот од Преспа се очекува да дојде од заменик државен секретар на американскиот Стејт департментот, Џон Саливан, кој следната недела ќе престојува и во Скопје во рамки на осумдневна турнеја по повеќе европски метрополи.

Саливан во Скопје ќе пристигне на 18 декември, како највисок функционер на Стејт департментот кој од 2001 година доаѓа во официјална посета на Македонија. Во Скопје планирано е Саливан да разговара за регионалните прашања, но според најавата од Стејт департментот и да ги охрабри македонските власти да продолжат со реформите на земјата и имплементацијата на Договорот од Преспа, од јуни годинава.

Во интервју за МИА, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние изјави дека впечатокот е дека процесот за имплементација на Договорот од Преспа во Македонија е завршен и останува, вели, да се доведе до крај во грчкиот Парламент, подвлекувајќи дека не постои резервен план за Преспанскиот договор освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија.

-Мислам дека не треба да се ставаме во таква хипотеза, затоа што, според мене, не постои резервен план освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија, но која ништо не ја чинеше грчката страна, која, пак, си ги има сопствените внатрешни проблеми. Тоа би бил особено голем проблем за Македонија. Животот продолжува, но може да продолжи на подобар начин со маршрута што е веќе обележана, за која ќе биде потребно време. Другата алтернатива е да се остане парализиран на патот кон ЕУ. Тоа е најголемиот ризик. Но, ние не сакаме да размислуваме за таа теза, затоа што храбри чекори беа направени од страна на премиерите на двете земји и се надеваме дека и двете собранија ќе успеат да го доловат историскиот момент, вели Тимоние запрашан што доколку Договорот не помине во грчкиот Парламент