Loading Video...
Македонија
12. July 2020 - 16:45

Преспа е подготвена да ги пречека домашните туристи согласно сите мерки и протоколи

Се зголемува интересот кај граѓаните да летуваат во Преспа. Преспанските угостители и туристички работници велат дека се подготвени за туристичката сезона почитувајќи ги сите протоколи и мерки, со оглед на тоа што пред еден месец Ресен стана жариште на Ковид-19 откако три месеци немаше ниту еден заболен.

-Се уште постои тој страв, се надеваме дека ќе има поголем број гости од минатите години, интересот се зголемува, изјави Ѓорѓи Ѓорѓиевски, сопственик на ресторан и сместувачки капацитет.

За Преспа се интересираат и оние кои досега оделе на одмор надвор од државата. Но, ова туристичко место се соочува со повеќе предизвици за разлика од другите туристички места, вели Ѓорѓиевски. На почетокот на годината, езерото бележеше алармантен пад на нивото.

-Но, за жал со климатските промени и опаѓањето на езерото ги трпиме последиците, ако дојдете еднаш и не е тоа тоа, влијае многу. Но се надеваме дека ќе се избориме со природата да ги зачуваме плажите, вели Ѓорѓиевски.

Општината се подготвуваше за летната туристичка сезона и пред Ресен да стане жариште, вели градоначалникот.

-Во Ресен за среќа изминатава недела очигледна е стабилизација на ситуацијата, придонесе и затворањето на фабриките, изолирање на кластерите, оптимист сум во цела оваа приказна. Ние сме подготвени како општина, преземаме активности бидејќи како туристичко место недостигаат сместувачки капацитети, овој период сакаме домашниот селски еко туризам да го промовираме. Во оваа корона криза туристот тоа го бара, изолирано место, здрава природа, изјави Живко Гошаревски, Градоначаник на Ресен.

Од тие причини ќе се врши категоризација на објектите во преспанскиот регион.